РКЕ ги завршува анализите и ги знае техничките проблеми кои ги има во процесот. Во овој момент имаме сериозно разединување за колкав временски период тие технички софтверски проблеми може да се надминат. Овие неколку дена ќе ги искористиме за интензивна комуникација со операторот на дистрибутивниот систем за да видиме реално кога и како може да започне имплементацијата на евтината тарифа, вели Бислимоски

Дневната евтина тарифа за струјата за домаќинствата ќе се врати, но нема прецизен рок од кога граѓаните ќе можат да ја користат.
Владини претставници веќе извесно време најавуваат дека дневната евтина тарифа ќе се врати, но за тоа сепак велат дека одлуката треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и денеска не прецизираше кога ќе се врати дневната евтината тарифа на струјата за домаќинствата. Тој повтори дека одлуката за тоа треба да ја донесе регулаторот, а Владата е тука за да ги исполни сите неопходни предуслови.
За враќањето на дневната евтина тарифа, директорот на РКЕ, Марко Бислимоски вели дека е сигурно оти таа ќе биде воведена. Анализите, како што вели тој, се пред крај и дека се разгледува кога и како може да се започне со имплементацијата.
„РКЕ ги завршува анализите и ги знае техничките проблеми кои ги има во процесот. Во овој момент имаме сериозно разединување за колкав временски период тие технички софтверски проблеми може да се надминат. Овие неколку дена ќе ги искористиме за интензивна комуникација со операторот на дистрибутивниот систем за да видиме реално кога и како може да започне имплементацијата на евтината тарифа“,
вели Бислимоски.
Целта, како што рече директорот на РКЕ, им е што е можно повеќе граѓани во ист момент да ја користат евтината тарифа за да нема жалби и поплаки зошто некој има, а зошто друг нема.
„За тоа разговараме со операторот на дистрибутивниот систем и преговорите и разговорите ќе мора да ги завршиме кон почетокот на идната недела“,
рече Бислимоски.
Тој појасни дека по воведувањето на блок тарифите броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа така што на операторот на дистрибутивниот систем му треба време за да се нагодат сите броила. Време е потребно и за да се промени системот за наплата за да може да се фактурира евтината тарифа.
„Тоа го прави надворешна фирма како што вели операторот и за тоа им било потребно малку повеќе време. Но, разговараме со нив навреме да си го решат тој проблем. Броилата кои немаат далечинско отчитување ќе мора рачно да се приспособуваат и е потребно повеќе време, а за оние со далечинско отчитување тоа ќе се направи од компјутерскиот центар на операторот за две минути“,
истакна Бислимоски.
Се чека цената на струјата за регулираниот пазар која ќе важи од 1 јули во наредните шест месеци
Освен за воведувањето на дневната евтина тарифа, Регулаторната комисија за енергетика во моментов ги анализира и барањата поднесени од енергетските компании за цената на електричната енергија на регулираниот пазар за наредните шест месеци што ќе важи од 1 јули годинава, а за која Бислимоски вели дека ќе се обидат и годинава да бидат креативни со цел да се избегне ценовен шок.
„Во најголем дел сме завршени со анализите за МЕПСО, а завршени сме и за ‘Електродистрибуција’, но останува најбитниот дел цената со која ‘Електродистрибуција’ ќе ги купи загубите на електрична енергија на тендерот кој ќе биде објавен утре и количините на електрична енергија кои ќе ги купи универзалниот снабдувач, исто така на утрешниот тендер. Откако ќе ги дознаеме цените, ќе ги завршиме пресметките и во текот на следната недела ќе ја информираме јавноста за нашите одлуки“,
изјави Бислимоски.
Она што според Бислимоски е познато е дека цената за загуби на електрична енергија на МЕПСО во втората половина на годината е околу 130 евра за мегават-час што е далеку пониско од претходните шест месеци кога беше 220 евра за мегават-час. Тоа, според него, позитивно ќе влијае на крајната цена онолку колку што може цената за пренос да влијае на крајната цена што ќе ја плаќаат потрошувачите.

Сепак, Бислимоски вели дека најважни за цената на струјата во наредните шест месеци се тендерот на кој ЕСМ ќе понуди електрична енергија за универзалниот снабдувач и тендерот на кој ќе понуди цена за покривање на загубите во дистрибутивната мрежата. На цената, Бислимоски вели дека ќе влијае и зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 отсто.
„Ние ги носиме цените без ДДВ и ќе се обидеме и оваа година да бидеме креативни со цел да се избегне ценовен шок врз потрошувачите во државата“,
истакна Бислимоски.
Вецепремиерот Битиќи вели дека состојбата во енергетскиот сектор внимателно се следи и се прават анализи, зашто, како што рече, периодот што следува е неизвесен, а претстои и нова зима.
„Имавме среќа што со сите капацитети овозможивме да ја поминеме претходната зима солидно добро, независно од големите буџетски издатоци за поддршка на енергетскиот систем и субвенционирање на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи. Бидејќи неизвесноста ни претстои, ние внимателно следиме, а одлуката секако е на Регулаторната комисија, не е ниту моја, ниту на некој министер. Ние ќе ги исполниме сите предуслови неопходни за да се врати тоа што сметаме дека граѓаните треба да го имаат. На крај, регулаторот е тој што кажува и за финалната цена, а јас најавив дека не очекувам поскапување“,
рече Битиќи одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на новиот погон на американската компанија „Теламон“ во Инџиково.
На прашањето дали на Влада поминала цената на струјата, со оглед дека до петок е тендерот на „ЕВН хоум“, вицепремиерот уште еднаш кажа дека цената се одредува на затворена седница.
„Штом ќе дојде финалната верзија, тогаш ќе биде соопштено“,
рече Битиќи.
