Епидемиолошката ситуација во Европа е многу загрижувачка.
Со ваква оценка денеска излезе регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.
Таа доаѓа паралелно кога голем број земји започнаа да воведуваат дополнителни рестрикции за да го забават есенскиот бран на коронавирусот. Задолжителни маски, полициски час, затворање на баровите и рестораните, забрани за движење на населениот од еден во друг регион, затворање на школи и префрлање на „онлајн“ настава се дел од мерките кои се воведуваат.
Од утре карантин во седум региони во Словенија
Од полноќ во Словенија стапи на сила одлуката за карантин во седум од вкупно 12 региони откако во изминатите 14 дена просечно во нив имало по 140 заразени на 100 000 жители. Седумте региони опфаќаат 117 од вкупно 212 општини.
На жителите им е забрането да се собираат на јавни или приватни места во групи поголеми од 10 лица, како и да се движат од еден во друг регион. Ќе може само да прават транзит. Исклучок може да се прави само за одење на работа, на лекар или во аптека, за давање помош на роднини. Ќе бидат дозволени и посети на гробишта и погреби.
Носењето маска, станува задолжително, а на онлајн настава се префрлаат сите ученици од петто одделение и повисоките класови.
Романија ги забрани семејните прослави
Властите во Романија исто така воведоа нови мерки. Како што пренесоа медиумите, се забрануваат сите приватни прослави, како што се венчавките и крштевките. „Ројтерс“ пренесе и дека маските стануваат задолжителни и на јавни простори во оние градови каде во последните две недели просекот на бројот на заболени ја надминувал границата од тројца заразени на 1 000 жители.
Нема да работат ниту сите театри, кина и угостителски објекти. Тие ќе ги отвораат вратите за гости и посетители во зависност од бројот на заразени во секој град.
Северна Ирска ги затвора училиштата и баровите
Нови рестрикции донесе и Северна Ирска која реши да ги затвори училиштата на две недели, а баровите и рестораните на четири.
Школите ќе се затворат од понеделник, а од петок, како што изјавила премиерката Арлин Фостер, рестораните кои служат храна ќе мора да се пренасочат кон достава и кон услугата да ги послужуваат гостите со „храна за носење“.
И рестораните во шпанската покраина Каталонија се затвораат на 15 дена и ќе треба да служат муштерии на истиот начин како и во Северна Ирска.
Португалија забрани собири и масовни забави
За нови рестрикции од наредната недела се подготвува и Португалија. Таму се забрануваат собири на повеќе од пет лица, додека целосна забрана се воведува за студентските забави. На свадби и крштевски, пак, бројот на присутни ќе се ограничи на 50 лица.
Задолжителни маски и повисоки казни во Албанија
Во Албанија од денеска е задолжително носењето маски на отворено, а исклучок може да се прави при возењето велосипед или мопед, на спортски тренинзи, во возила ако оние кои се превезуваат се од исто семејство, при пливање и во домовите.
Казната за непочитувањето на оваа мерка изнесува 25 евра, а ако некој го повтори прекршокот тогаш ќе треба да плати 40 евра.
Полициски час во Франција
Франција вчера најави дека прогласува вонредна состојба, а во областите каде има најголем број заразени со коронавирус се воведува и полициски час од 21 часот навечер до 6 часот наутро.
Се работи за осум области, меѓу кои Париз, Гренобл, Лил, Лион, Марсеј, Сент Етјен и Тулуз во кои од сабота па во следните четири недели ќе има забрана за движење во ноќните часови до рано наутро.
Полицискиот час предвидува забрана за одење во ресторани или семејни посети, но не и ограничување на јавниот превоз или за транспортот внатре во регионите.