Групата на социјалисти смета дека ЕУ треба да им се дозволи на балканските земји да ги пренасочат непотрошените претпристапни фондови (ИПА) за борба против новиот коронавирус
Групата на социјалистите во Европскиот парламент денеска ја повика Европската комисија и земјите членки на Унија да го вклучат Балканот во европската акција за запирање на ширењето на ковид-19.
Тие сметаат дека ЕУ треба да им дозволи на балканските земји да ги пренасочат непотрошените претпристапни фондови (ИПА) за борба против новиот коронавирус, да размисли за мобилизирање други надворешни финансиски инструменти и да му дозволи на Балканот да купи медицинска опрема како маски или респиратори од земјите членки.
„Како и насекаде во Европа, бројот на потврдени случаи на коронавирусот на Западниот Балкан продолжува да расте. Треба да бидеме заедно. Вирусот не познава граници и државјанства. Ако сакаме ефикасно да се бориме против вирусот, не смееме да ги заборавиме земјите што се наоѓаат во средината на Европа“,
оцени преку соопштение Кати Пири, потпретседателката на социјалистичката група.
Таа додаде дека ЕК земјите членки на ЕУ мораат да го вклучат Балканот во заедничкиот европски одговор и мерките за превенција и борба против епидемијата.
И Тонино Пицула, координатор на Комитетот за надворешни работи на ЕП и известувач за Балканот, истакна дека Балканот не може да биде оставен сам да се бори со оваа вонредна ситуација и економската криза предизвикана од коронавирусот.
„Прв знак на солидарност би било да им се помогне на нивните здравствени системи да бидат подобро екипирани за да ја спречат и лекуваат болеста. Тие се често лошо финансирани и им недостигаат медицински професионалци, кои емигрираат. Оттука, Западниот Балкан мора да биде исклучен од новата ’шема за дозволи за извоз за заштитна опрема’ за трети земји и да им се дозволи да купат витална медицинска опрема, како маски, на пазарот на ЕУ“,
наведе Пицула
За Пицула, треба да се дозволи флексибилност на претпристапните ИПА-фондови за можат да се ослободат пари за борба против вирусот.
„Бараме начин како да пружиме поддршка за да се намалат економско-социјалните последици, вклучително и пренасочување на ИПА-фондовите и флексибилноста на правилата за државна помош. Неопходна е тесна координација на регионално ниво со ЕУ“,
напиша комесарот за проширување Оливер Вархеји на Твитер.