Состанокот на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ, што требаше да се одржи на 26 и 27 март, e откажан на неодредено време, јавува дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел.
На овој самит требаше формално да биде одобрено евентуалното отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, за што би решиле министрите во Советот за општи работи на ЕУ на 24 март.
Според деловникот, најмалку две третини од претставниците на Европскиот совет (т.е. премиери или претседатели од земји на ЕУ) мора да бидат присутни за да гласаат за одредено прашање на редовниот самит. Бидејќи тоа е невозможно поради изолацијата во која се наоѓа Европа, нема да биде можно да се потврди евентуалната одлука на министрите на ЕУ за започнување на пристапните преговори со Скопје и со Тирана.
Според процедурата, договорот секогаш се постигнува на министерско ниво, но се бара формален печат на лидерите кои даваат согласност за започнување на преговори за членство.
Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, на денешната виртуелна заедничка прес-конференција со германскиот министер за Европа, Михаел Рот, рече дека „се уште се води дебата во ЕУ како да се одржи Советот за општи работи“.
„Белгија ја ‘заклучи’ државата, преведувам буквално од англиски lockdown, вчера или завчера (и мене ми се споени деновите веќе) и многу е тешко кој било од министрите на земјите членки да присуствува во Брисел на 24 март. Правниците на ЕУ разговараат како тоа да се организира, дали можат сите бидат на видео-врска и се надевам дека ќе се донесе правилна одлука. Мислам дека ЕУ ќе згреши многу ако прати сигнал дека е толку оптоварена со здравствената криза што не може ништо друго да прави. И ќе биде многу важно после толку многу работа и толку многу напор, кога сме на чекор до тој заеднички успех, ќе биде многу важно да се најде начин да се одржи на 24 март тој состанок“,
вели Димитров.