За ова европратениците ќе расправаат во Комисијата за надворешна политика на 13 октомври, а конечната верзија на нацрт-извештајот ќе биде усвоена во форма на резолуција на ЕП на гласање кое се очекува да се одржи во текот на ноември
Европскиот парламент (ЕП) ќе побара од Европската Унија (ЕУ) да ги прекине пристапните преговори со Србија доколку таа не воведе санкции против Русија, се наведува во нацртот за новата стратегија на ЕУ во која редакцијата на Радио Слободна Европа (РСЕ) имала увид.
„Да се даде приоритет на усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика на земјите преговарачи со таа на ЕУ и да се продолжат пристапните преговори со Србија само доколку оваа земја се усогласи со санкциите на Унијата против Русија“,
пишува во нацрт-извештајот.
За ова пратениците на ЕП ќе расправаат во Комисијата за надворешна политика на 13 октомври, а конечната верзија на нацрт-извештајот ќе биде усвоена во форма на резолуција на ЕП на гласање кое се очекува да се одржи во текот на ноември.
Резолуциите на ЕУ не се правнообврзувачки за земјите членки ниту за другите европски институции.
Европските социјалдемократи, кои се втора по големина пратеничка група во ЕП, веќе соопштија дека сметаат оти ЕУ не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија доколку таа не се усогласи со санкциите на Унијата против Русија и најавија дека тоа ќе биде дел и од следниот извештај на ЕП за проширувањето.
Од почетокот на војната во Украина, ЕУ континуирано бара Србија да воведе санкции кон Русија во согласност со одлуките на Унијата, а земјите кандидатки би требало да се усогласат со надворешната политика, вклучително и со санкциите. Србија е единствената држава од регионот која не воведе санкции за Русија, додека сите други земји од Западен Балкан ги усогласија своите политики со ЕУ.