Европскиот парламент ја започна процедурата за укинување на имунитетот на двајца пратеници по барање на белгиското правосудство кое го истражува корупцискиот скандал во Европската Унија
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола поведе итна постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на двајца европратеници, на барање на белгиските правосудни органи, поради истрагата за големиот корупциски скандал во Европската Унија.
Како што соопштуваат од Европскиот парламент, претседателката Мецола побарала од сите служби и комисии да ѝ дадат приоритет на оваа процедура, со цел таа да заврши до 13 февруари.
Прес-службата на Европскиот парламент не ги идентификува двајцата европратеници, но според податоците на двете лица што биле информирани за случајот и не смеат јавно да зборуваат поради истрагата која е во тек, станува збор за Андреа Козолино од Италија и Марк Тарабела од Белгија.
И двајцата се членови на групата социјалисти и демократи во Европскиот парламент. Тарабела, чија куќа беше претресена од полицијата минатиот месец, тврди дека не направил ништо незаконско.
Европската парламентарка Ева Каили од Грција веќе е обвинета во врска со скандалот, во кој наводно се вмешани функционери од Катар и Мароко, осомничени за тргување со влијание врз економските и политичките одлуки – со давање подароци и пари.
Калили беше обвинета за корупција, членство во криминална организација и перење пари. Таа е во притвор од 9 декември, како и нејзиниот партнер Франческо Џорџи, советник во Европскиот парламент, под истото обвинение како и она против Ева Каили.
Таа беше разрешена од должноста потпретседател на Европскиот парламент откако против неа беше покренато обвинение. Таа ќе уживаше имунитет од гонење, но беше изведена пред суд откако белгиската полиција изврши рација на различни локации во Брисел и пронајде огромни суми пари во нејзиниот стан.