Сертификатот ги вклучува сите информации што ќе им бидат потребни на земјите членки за да ги пречекаат туристите и без да бидат подложени на дополнителни рестрикции
Доказ за вакцинација, негативен ПЦР или антигенски (рапид) тест или потврда за прележана болест, заедно со основните лични податоци, содржи европскиот дигитален ковид сертификат (EU Digital COVID Certificate) што денеска го презентираа во Атина грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, министерот за дигитална политика Кирјакос Пијеракакис, а во присуство на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас, јави МИА од Атина.
„Намерата не е сертификатот да ги подели граѓаните. Европскиот дигитален ковид-сертификат не е ништо повеќе од брза линија за патување. Патувањето ќе го направи многу полесно, особено за време на летото“,
рече Мицотакис и истакна дека Грција е подготвена сертификатот да го воведе пред 1 јули, односно пред датумот што го одреди ЕУ.
Тој објасни дека националните податоци се вклучени во ЕУ платформа на безбеден и заштитен начин.
„Сертификатот ги вклучува сите информации што ќе им бидат потребни на земјите членки за да ги пречекаат туристите и без да бидат подложени на дополнителни рестрикции. Доказ за вакцинација, негативен тест ПЦР или потврда за прележана болест“,
објасни Мицотакис.
Министерот за дигитална политика на Грција, презентирајќи го сертификатот, објасни дека треба да биде заеднички за сите земји членки на ЕУ и дека е потребна платформа за верификација на документот, што веќе е обезбедено.
Сертификатот ќе содржи специјален код, што при влезот во Грција ќе се скенира за да се потврди валидноста на документот.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека сертификатот ќе биде клучот за патување во Европа, додека, по завршувањето на презентацијата, коментираше преку Твитер дека идејата за дигитален сертификат денеска станува реалност.