„Сакаме да го задржиме целосниот интензитет на нашите санкции, а начинот да го направиме тоа е да се осигуриме дека профитот на Русија од продажбата на нафта останува ограничен“, рече шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, објавувајќи ги новите санкции
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во вторникот (9 јуни) го претстави 21. пакет санкции против Русија, кој е насочен кон енергетиката, финансиите, пазарот на криптовалути и трговијата, а воедно наметнува и дополнителни ограничувања за лица поврзани со војната во Украина.

„Конфликтот на Блискиот Исток и прекините во глобалните синџири за снабдување со енергија го намалија притисокот врз Русија. Сакаме да го задржиме целосниот интензитет на нашите санкции, а начинот да го направиме тоа е да се осигуриме дека профитот на Русија од продажбата на нафта останува ограничен“,
рече шефицата на Европската комисија.
Фон дер Лајен предложи суспензија на механизмот за прилагодување на ограничувањето на цената на нафтата до јануари 2026 година, за Русија да не може да профитира од моменталната ситуација околу Ормускиот Теснец. Се предлага и на листата на санкционирани бродови да се додадат уште 30 танкери, покрај веќе 632 санкционирани.
Дополнително, се воведуваат и мерки против пристаништата, аеродромите и рафинериите вклучени во трговијата со руска нафта, како и ограничувања за продажба на танкери за течен природен гас во Русија. На трговскиот фронт, Европската комисија предлага нови ограничувања за извоз на производи и технологии што ги користи руската воена индустрија. По првпат ќе биде погоден и рускиот сектор за рибарство.
Европската комисија, исто така, планира да забрани влез во Европската Унија за луѓе кои служеле во руските вооружени сили од почетокот на војната.
