ВМРО-ДПМНЕ да покаже дека е проевропска опозиција, која се залага за европеизација на целата земја, да биде дел од националниот консензус за прашањата поврзани со ЕУ-интеграциите и да бара отчетност од Владата за реформите, порача секретарот за меѓународна политика на Европската народна партија (ЕПП), Патрик Фолер, на денешната панел-дискусија „Постизборни предизвици и ЕУ-перспективи“, која се одржа во Скопје.

Преку видео-обраќање, тој им порача на дискутантите, меѓу кои и видни актуелни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, да ги пренесат пораките до нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека добрососедските односи и реформите се клучни за евроинтеграциите.
„Добро е да се каже дека од ВМРО-ДПМНЕ треба да имаме согласност за битните прашања за европските реформи и треба да имаме национален консензус за овие прашања. Мислам дека клучната задача за опозицијата е да инсистира оваа влада да биде отчетна за реформите, знаеме дека реформите не се одвиваат во добра насока во изминатата влада, имавме план 3-6-9, но не се испорача доволно, потребна ни е добра проевропска опозиција која ќе бара отчет од оваа влада за реформите“,
рече секретарот за меѓународна политика на ЕПП, Патрик Фолер.

Фолер ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се подготвува за локалните избори и додаде дека треба да се зајакне владеењето на правото, борбата со корупцијата, да се работи на независен судски систем, слобода на медиуми и фер избори.
Тимчо Муцунски, од позиција на доцент на Правниот факултет при УКИМ, кој инаку е пратеник и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, се согласи дека дел од товарот за да се постигне национален консензус за прашања кои носат просперитет и стабилност е и на опозицијата. Според него, клучни се опипливи реформи, а не само на хартија.
„Поларизацијата не треба да е на теми кои се национален консензус и тоа е лекција која нам во Македонија ни е насушно потребно да ја научиме. Нема да се се согласуваме за даночна политика, мерки за животна средина, но тоа што е национален консензус и стратегија која треба да ја постигнеме во интерес на сите наши граѓани, не смее да е тема на политички конфликт“,
рече Муцунски.

Поранешниот пратеник и универзитетски професор Александар Спасеновски се осврна на предизвиците и приоритетите на новото Собрание, нотирајќи ги недостатоците на претходните пратенички состави од аспект на партизација, неквалитетни законски решенија и несоодветна родова застапеност.
Панел-дискусијата се одржа во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“, а теми на дискусијата беа и економијата, здравството и образованието. Меѓу говорниците беа и поранешниот министер за финансии Кирил Миновски, ексчленот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Митов, Данела Арсовска од Сојузот на стопански комори, професорот Кирил Барабреев, а модератор беше универзитетскиот професор, ексвицепремиер и амбасадор во САД, Васко Наумовски.