Повеќе од пет учесници на денешниот настан во рамките на „Европрајд“ во Белград биле нападнати од хулигани и други насилни групи при враќање од настанот, соопштија организаторите на „Европрајд“.
„Според сознанијата на ‘Белград Прајд’, станува збор главно за странски државјани, од Германија и Албанија“, пишува во соопштението.
„Европрајд“ ги повикува полицијата и другите надлежни органи итно да ги пронајдат и казнат сторителите, да ги утврдат сите околности и да го исполнат ветувањето дека безбедноста на сите учесници ќе биде загарантирана.
Организаторите ги повикаа и сите што претрпеле насилство при излегувањето од прошетката или во кое било друго време во текот на „Европрајд“ да пријават до надлежните органи или да пријават кај организаторите.

На белградските улици денеска биле ангажирани околу 5 200 припадници на Министерството за внатрешни работи, а уапсени се 64 лица, соопшти на вонредна прес-конференција премиерката Ана Брнабиќ. Министерот за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека се повредени 13 припадници на МВР.
Концертот во организација на ,,Европрајд” на Ташмајдан и формално заврши со предавање на штафетата на Малта, како следен организатор на овој настан.