Омикрон-варијантата на коронавирусот, која се очекува да доминира во Европа до средината на февруари, е поблага од претходните, а граѓаните на ЕУ ги следат контроверзните извештаи на експертите, од кои некои веруваат дека пандемијата може да заврши оваа година, а други сметаат дека претпазливоста мора да продолжи
Додека Европската Унија најавува нови промени во условите за патување, па од 1 февруари ќе биде важно дали сте вакцинирани, тестирани или сте прележале ковид, а не од каде патувате, земјите од ЕУ почнуваат полека да ги укинуваат рестриктивните мерки воведени пред Божиќ минатата година.
Белгија, која бележи нови рекорди по бројот на новозаразени со коронавирусот и во чиј главен град викендов повторно се одржаа насилни протести во знак на незадоволство од мерките против пандемијата, од петок делумно ги ублажува тие мерки.
Баровите и рестораните ќе можат да работат до полноќ, дозволени се спортски настани на отворено, а на јавните простори, како културни центри или концертни сали, ќе може да има најмногу 200 лица, доколку имаат валидна ковид-потврда.
Доколку втората доза од вакцината е примена пред повеќе од пет месеци, од први март ќе биде потребно граѓаните да примат и засилувачка доза од вакцината за ковид-пропусницата да биде валидна.
Белгија не е единствената земја која се соочува со постојан пораст на бројот на заразени и хоспитализирани лица.
Слично е и во другите земји од ЕУ, а најдраматично е во Франција, каде што бројот на новозаразени достигна половина милион луѓе. Зголемен е и бројот на хоспитализирани, но не и бројот на лица со најтешки симптоми што се приклучени на респиратори.
Сепак, оваа земја ќе ги отвори концертни простори и стадиони на 2 февруари, а на 16 февруари ќе ги укине речиси сите ограничувања – но само за вакцинираните лица. За сите други тој вид активности остануваат недостапни.
Рекорден број на новозаразени има и во Холандија, а последните извештаи покажуваат пораст од 50 отсто во последните седум дена. И покрај тоа, владата одлучи од вчера повторно да ги отвори баровите, рестораните и културните објекти за да ги намали тензиите во тој сектор.
Продавниците и фризерските салони беа отворени на 15 јануари, но не беше помало незадоволството на граѓаните од мерките, поради забраната за барови, ресторани, музеи и театри. Сепак, тие ќе работат само до 10 часот навечер, а Холанѓаните ќе можат да влезат во нив само со ковид-пропусница, која важи доколку се вакцинирани, прележале ковид или имаат негативен тест.
Ноќните клубови остануваат затворени, но може да се отворат спортски и културни објекти со максимален капацитет од 1 200 луѓе. Државата ги задржа своите препораки да се продолжи со работа од дома секогаш кога е можно, како и да ги ограничат посетите дома на максимум четири лица.
Омикрон-варијантата на коронавирусот, која се очекува да доминира во Европа до средината на февруари, е поблага од претходните, а граѓаните на ЕУ ги следат контроверзните извештаи на експертите, од кои некои веруваат дека пандемијата може да заврши оваа година, а други сметаат дека претпазливоста мора да продолжи.