Светската здравствена организација предупреди да не се избрзува со укинување на мерките и доколку земјите се одлучат на такво нешто да се водат од сопствените услови, а не да го следат примерот на други земји
Иако бројот на заразени со коронавирус постојано расте, многу земји, меѓу кои Данска, Грција, Велика Британија, Ирска, Шведска и Финска, целосно ги укинуваат или минимизираат мерките воведени со цел да се спречи ширењето на вирусот. Главна причина за ваквиот третман е што и покрај зголемениот број, нема зголемување на бројот на хоспитализирани.
Данските власти донесоа одлука да го исклучат коронавирусот од категоријата критични болести, а од 1 февруари сите ограничувања во таа земја се укинати. И покрај укинувањето на мерките и нормализирањето на секојдневниот живот, властите најавија дека ќе продолжат да ги следат податоците за коронавирусот.
Премиерката Мете Фредериксен рече дека олабавувањето на мерките добило целосна поддршка од другите партии во парламентот.
Таа напомена дека ковид-пропусмицата и натаму ќе се бара само при влез во Данска од странство.
„Кон крајот на јануари, почетокот на февруари, бројот на заразени со коронавирусот ќе достигне максимум, а потоа ќе има намалување“,
рече Фредериксен.
Наведувајќи дека и покрај тоа што ограничувањата ќе станат минато и ќе се нормализира секојдневието, властите ќе ги следат податоците за ковид-19 и ќе се применува четвртата доза од вакцината.
Главниот епидемиолог на данскиот државен институт за серум, Тира Краузе, на 3 јануари рече дека варијантата омикрон ставила крај на епидемијата на ковид-19 и дека луѓето ќе се вратат во својот нормален живот во рок од два месеци.
Ирска ги укина речиси сите ограничувања
На 22 јануари Ирска ги укина речиси сите ограничувања поврзани со коронавирусот, вклучително и мерките поврзани со угостителскиот сектор, ограничувањата за спортски настани и барањето за доказ за вакцинација за влез во затворени простории. Ирска имаше втора највисока стапка на зараза во Европа, но и најголем број граѓани во Европа кои ја примија третата доза од вакцината.
Затоа, скокот на заразените не доведе до значително зголемување на бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега.
Следејќи ги советите на службениците во јавното здравство, владата одлучи баровите и рестораните повеќе да не се затвораат во 20 часот, ограничување воведено минатата година кога во земјата се појави омикрон-варијантата на коронавирусот или да побараат од гостите доказ за вакцинација.
Пополнувањето на отворени и затворени простори, исто така, треба да се врати во полн капацитет, со што ќе се отвори патот за полни стадиони на Шампионатот во рагби на шест нации во февруари.
Британија: Мора да научиме да живееме со короната
Обединетото Кралство, исто така, ги олабави ограничувањата. Министерот за здравство на островската држава Саџид Џавид изјави дека Велика Британија мора да научи да живее со ковид бидејќи епидемијата може да биде таму засекогаш.
„Коронавирусот ќе биде со нас уште многу години, можеби засекогаш, и мора да научиме да живееме со него. Мислам дека ја водиме Европа во транзиција од пандемична во ендемична и му покажуваме на светот како да живее со тоа“,
нагласи Џавид.
Работата од дома, носењето заштитни маски е укината, а ковид-потврдите повеќе нема да бидат потребни за влез во ноќните клубови.
Во Шведска, оние со три дози од вакцината не мора да бидат ставени во карантин
Шведска, исто така, ги менува своите препораки за тестирање и изолирање на граѓаните поради омикрон. Имено, лицата што примиле три дози од вакцината, кои се заразиле со коронавирус во последните три месеци и кои се занимаваат со општествено важни работи, повеќе не мора да бидат во изолација или карантин доколку некој од членовите на нивното семејство се зарази.
Исто така, лицата со ковид можат да се вратат на работа или на училиште по само пет дена, под услов да немаат симптоми во последните два дена и да се чувствуваат добро. Ова важи и за оние кои нема да се тестираат.
Приоритетите во ПЦР-тестирањето исто така се менуваат. Покрај пациентите со здравствени проблеми и лицата што се грижат за стари и болни во соодветните установи, приоритет при тестирањето ќе имаат и лицата со симптоми за чија работа е потребно лично присуство, како и основците и средношколците. Луѓето со симптоми кои биле тестирани дома не мора да се подложат на ПЦР-тестови.
Финска најави укинување на сите мерки до март
Финска ќе почне да ги укинува рестриктивните мерки кои беа воведени со цел да се потисне ширењето на соевите на омикрон, така што сите мерки треба да престанат да важат на почетокот на март, изјави премиерката Сана Марин.
Силните рестриктивни мерки воведени по Божиќ принудија многу ресторани, како и културни и спортски објекти да бидат привремено затворени или намалено работно време, а настаните да бидат откажани.
Владата сега планира да дозволи рестораните да бидат отворени до полноќ и да ја укине забраната за јавни собири од 14 март, рече Марин и додаде дека целта е да се отстранат сите рестриктивни мерки на почетокот на следниот месец.
Грција ги олеснува мерките, повторно е дозволена музика во кафеаните
Грција ќе олесни некои од рестриктивните мерки што ги донесе во декември минатата година поради пандемијата, па музиката повторно ќе биде дозволена во баровите и рестораните.
Ограничувањата на бројот на присутни на спортски настани остануваат на сила, додека маска е задолжителна во супермаркетите и превозот.
Грчките власти одлучија да ги ублажат мерките бидејќи се намалува притисокот врз болниците бидејќи бројот на заразени се намалува во последните недели.
„Одлучивме да ги олесниме ограничувањата, земајќи го предвид текот на пандемијата во однос на бројот на случаи кои се намалија во последните недели“,
рече министерот за здравство Танос Плеврис во телевизиско обраќање.
Тој посочи дека и покрај постојаниот притисок врз здравствениот систем, стапката на прием и отпуштање од болниците, пократкото времетраење и полесната слика на болеста предизвикана од варијантата омикрон, во споредба со варијантата делта, им овозможи на надлежните да ги олеснат ограничувањата.
Но, Светската здравствена организација предупреди да не се избрзува со укинување на мерките и доколку земјите се одлучат на такво нешто да се водат од сопствените услови, а не да го следат примерот на други земји.