Во моментот кога беше откриено истекувањето на гасот во Балтичкото море ниту еден од гасоводите не транспортираше гас во Европа, но инцидентите можеби ќе ги поништат и последните очекувања дека Европа би можела да добие гас преку „Северен тек 1“, пишува Ројтерс во врска со истекувањето на гасот од два руски гасоводи во Балтичкото Море
Европа го истражува она што Германија и Данска го опишаа како напади што следуваа по истекување на гас од два руски гасоводи во Балтичкото Море. Протекувањето се случи на гасоводите Северен тек 1 и 2, за кои Русија и нејзините европски партнери потрошија милијарди долари за изградба, јави Ројтерс.
Во моментот кога беше откриено истекувањето на гасот во Балтичкото море ниту еден од гасоводите не транспортираше гас во Европа, но инцидентите можеби ќе ги поништат и последните очекувања дека Европа би можела да добие гас преку „Северен тек 1“.
Според германскиот министер за економија Роберт Хабек, протекувањето е резултат на целни напади врз инфраструктурата, а, како што рече, Берлин сега со сигурност знае тие не биле предизвикани од природни феномени или настани или лош материјал.
„Германија е земја која знае како да се брани. А Европа е континент кој може да ја заштити својата енергетска инфраструктура“,
рече германскиот министер Хабек, додавајќи дека истекувањето на енергија не влијаело на снабдувањето со енергија на најголемата европска економија.
Истекувањето на гасот во Балтичкото море полскиот премиер го нарече саботажа, а шведската полиција започна истрага за потенцијална „груба саботажа“.
„Јасно гледаме дека ова е чин на саботажа, поврзан со следниот чекор во ескалацијата на ситуацијата во Украина“,
изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки на отворањето на новиот нафтовод меѓу Норвешка и Полска.
Сеизмолозите во Данска и Шведска претходно соопштија дека регистрирале две силни експлозии во близина на местото на истекување на гасот во Балтичкото море.
Шефот на данската агенција за енергетика, Кристофер Ботцаув изјави дека протекувањето е е големо и може да потрае можеби една недела пред да престане да истекува гасот од гасоводот „Северен тек 2“.
Бродовите би можеле да имаат проблем со навигација доколку навлезат во оваа област.
„Површината на морето е полна со метан, што значи дека постои зголемен ризик од експлозии во таа област“,
рече Ботцаув.
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека не може да се исклучи можноста дека се работи за саботажа
„Тоа се три протекувања со малку простор меѓу нив, така што е тешко да се замисли дека е случајност“,
рече таа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, протекувањето на гасот во Балтичкото море го нарече „многу загрижувачка вест“.
„Навистина, станува збор за некаква штета од нејасна природа на гасоводот во економската зона на Данска“,
рече Песков, додавајќи дека ова влијаело на енергетската безбедност на континентот.
Операторот „Северен тек“ рече дека штетата е „без преседан“.
„Газпром“ одби да коментира.