Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека Мицкоски денеска ќе има разговори со еврокомесарот за проширување, кој неодамна најави дека ќе го отвори прашањето за изборите и со македонските власти
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ќе разговара со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, потврдија од опозициската партија, по информациите дека ЕУ ќе посредува за консензус меѓу партиите за датумот за одржување на 10. парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, а процесот беше прекинат на 21 март, поради кризата со коронавирусот.
„Точно е дека претседателот Христијан Мицкоски има интензивни разговори со партнерите од меѓународната заедница при што ги запознава со нашите аргументи и загриженост за здравствената, политичката и економската состојба. Во текот на денот ќе оствари разговор со комесарот Вархеји“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ досега не добивме потврда дали и партискиот лидер Зоран Заев ќе разговара со еврокомесарот Вархеји, како што неофицијално се најавува. Од партијата засега остануваат на ставот дека гласањето ќе се реализира на 5 јули, односно 22 дена по завршувањето на вонредната состојба в недела.
Досегашните навестувања од Владата се дека веќе нема простор за продолжување на вонредната состојба.
Еврокомесарот за проширување најави на почетокот на овој месец дека дека ќе разговара со, како што рече, македонските власти, затоа што е многу важно да се обезбедат фер и демократски избори.
Избори во првата недела на јули се прифатливи и за ДУИ, но не и за ВМРО-ДПМНЕ, од каде што сметаат дека сѐ уште не се создадени услови за гласање, со оглед на ситуацијата со коронавирусот. ВМРО-ДПМНЕ дури и не исклучува можност за изборен бојкот, и покрај тоа што веќе се утврдени кандидатските листи на партијата и нејзиниот број во гласачкото ливче.
Очекуваното добивање на преговарачката рамка со ЕУ кон средината на овој месец, за СДСМ е еден од аргументите зошто изборите треба да се одржат што поскоро и да се обезбедат функционален парламент и политичка влада.