Во врска со можноста за разрешување на членовите на кои им беше изгласана недоверба во Собранието, претседателот Судскиот совет денеска, одговарајќи на новинарско прашање, потсети дека за тоа се потребни најмалку осум гласа од кои два од членовите кои не се избрани од редовите на судиите. Петтемина членови на Советот за кои станува збор не се од редовите на судиите, што значи дека тие, односно двајца од нив, би требало да гласаат за свое разрешување
Ако зборуваме за оставки, тоа е личен чин на секој член на Судскиот совет. Ова денеска го кажа претседателот на Советот, Александар Камбовски, прашан дали има некакви реакции во ова тело откако на петмина негови членови неодамна им беше изгласана недоверба во Собранието.

Интерпелациите што беа иницирани од партиите на владејачката коалиција – ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и „Вреди“ ја добија поддршката на мнозинството во Собранието, но тие не значат и нивно повлекување од функциите по автоматизам.
За тоа тие самите треба да си поднесат оставки, за што досега нема никакви најави, или да бидат разрешени согласно законските процедури.
„Во поглед на покренување постапка за утврдување на одговорност или пак разрешување на член на Судскиот совет тоа е сосема поинаква постапка од таа што се водеше во Собранието. Единствено место каде што е тоа регулирано е во Законот за Судски совет. Дали тоа ни се допаѓа нам или на политичарите или не ни се допаѓа е сосема друга тема на разговор. Меѓутоа, очигледно оваа држава во определен момент, историски, одлучила да донесе Устав како што имаме, одлучила да донесе Закон за Судски совет каков што имаме и во тој Устав како и во Законот за Судски совет е дадена таа гаранција за мандатите на членовите на Судскиот совет. Доколку некој сака тоа да го промени се знае која е постапката за промена на Уставот и законите“,
изјави претседателот на Судскиот совет одговарајќи на новинарско прашање по свечената изјава на 49 новоизбрани судии од редот на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители.
Во врска со можноста за разрешување на членовите, Камбовски потсети дека за тоа е потребна поддршка од најмалку осум гласа од кои два од членовите кои не се избрани од редовите на судиите.
„Можно е и тоа, меѓутоа имајте предвид дека за разрешување на член на Судскиот совет се потребни најмалку осум гласа од кои два мора да бидат на членовите коишто не доаѓаат од редот на судиите“,
рече претседателот на Судскиот совет.
Имајќи предвид дека петтемина членови на Советот на кои им беше изгласана недоверба се избрани од Собранието, од кои двајца на предлог на претседателот на државата, односно не доаѓаат од редот на судиите, тоа значи дека за свое разрешување ќе треба да гласаат и тие.
На новинарска забелешка дека тоа практично значи дека процедурата е неизводлива, Камбовски рече дека таа е законската одредба.
„Ние не го носиме законот, некој друг во оваа држава ги носи законите , ние само ги почитуваме и спроведуваме“,
додаде претседателот на Советот.
За потсетување, Собранието на 11 март им изгласа интерпелација на петмина членови на Судскиот совет избрани од законодавниот дом, а на иницијатива на пратеничките групи од владејачкото мнозинство ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ. Станува збор за членовите Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми. Во поединечните заклучоци што ги изгласа Собранието беше наведено дека тие имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Воедно, како што беше наведено, тие ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
Дел од петтемина членови пред гласањето ги отфрлија наведените причини за нивна интерпелација и беа на став дека ваквата постапка се коси со Уставот.

Сепак, интерпелациите не значат и по автоматизам разрешување или повлекување на овие членови на Судскиот совет.
Ова го наведе и премиерот, Христијан Мицкоски кој најавувајќи ги интерпелациите на почетокот на февруари кажа дека со нив почнува „ударот во чело“ на Советот. Тогаш, а и по изгласувањето на интерпелациите, тој кажа дека Собранието не може да ги разреши, но оти очекува морална одговорност од нив, односно да ги напуштат позициите што ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места.
Премиерот во телевизиско гостување рече „на петтемина судии ќе им се случи народ“, односно ќе има протести доколку самите не се повлечат од функциите.
За коментар во врска со интерпелациите и случувањата околу нив, минатата недела беше прашан и шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, кој рече дека одблизу ги следат процесите поврзани со ова тело и потсети дека досега дале многу препораки за тоа како треба да се одвиваат реформите во правосудството.
„Нашиот став е дека се што може да се гледа како мешање во независноста на судството и функционирање на Судскиот совет е прашање кое што кај нас предизвикува загриженост. Сите знаеме дека правните основи за распуштање на членови на Судскиот совет не се поврзани со интерпелацијата, тоа е поинаква процедура. Сето ова го следиме навистина одблиску и секако сакаме преку реформите, на коишто сите чекаме, да видиме силно судство што ќе биде основа за да ѝ се помогне на земјата да се избори со корупцијата што е прв приоритет и тоа со право“,
рече евроамбасадорот одговарајќи на новинарско прашање на заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани посветена на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија што ја одржаа на 28 март.
Евроамбасадорот, исто така, беше прашан и како гледа на запирањето на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Овде Рокас не беше толку конкретен во ставот. Рече дека повторно станува збор за процес, а не за поединецот, но напомена дека сите овие процедури треба да ги следат европските стандарди.