Во денеска објавениот извештај на Евростат се наведува дека вкупниот број на жители во 27 земји-членки на ЕУ за една година е намачен за 172 000 луѓе. На 12 јануари 2021 година ЕУ имала 447 милиони жители, додека на 1 јануари годинава регистрирани се 446,8 милиони жители.
Негативниот природен прираст не беше компензиран со позитивниот број на мигранти, втора година по ред, најверојатно поради влијанието на пандемијата, се посочува во извештајот на Евростат. Демографскиот пад се објаснува главно со зголемувањето на бројот на починати, за 113.000 повеќе од 2020 година, додека бројот на новороденчиња остана речиси на исто ниво.
Во исто време, ЕУ привлече повеќе нови жители кои дојдоа од надвор, така што минатата година пристигнаа околу 1,06 милиони луѓе во споредба со 800.000 кои пристигнаа во ЕУ во 2020 година. Но, бројката е недоволна за да ја компензира нарушената рамнотежа меѓу смртните случаи и раѓањата (негативниот природен прираст изнесуваше 1,23 милиони луѓе).
Евростат посочува дека постои голема разлика од земја-членка до земја-членка бидејќи само десет земји на ЕУ забележале намалување на бројот на жители во 2021 година, почнувајќи од Италија, каде имало 253.100 жители помалку. Од друга страна, пораст на бројот на жители е забележан во 17 други земји, како на пример Франција која за една година има 185 900 луѓе повеќе.
Со оглед на влијанието на пандемијата со ковид-19 од 2020 година, очекувањата да се зголемува бројот на смртни случаи поради староста на населението и претпоставката дека стапката на фертилитет ќе остане ниска, експертите од Евростат предупредуваат дека намалувањето на населението во ЕУ ќе продолжи и во блиска иднина.