Европската Унија се мобилизира за да ѝ помогне на Хрватска да се справи со последиците предизвикани од земјотресот што го погоди Загреб.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера, во телефонски разговор со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, најавила итна помош од повеќе земји членки.
Европската комисија веќе помогна со испраќање шатори, кревети, душеци, греалки и вреќи за спиење од Словенија, Унгарија, Австрија и Италија и тие ќе бидат доставени за кратко време до погодените области.
„ЕУ е тука да ѝ помогне на Хрватска во ова тешко време. Европската поддршка веќе е на пат. Многу сум им благодарен на Словенија, Унгарија, Австрија и Италија за нивните понуди за помош преку механизмот за цивилна заштита. Ние сме подготвени да обезбедиме и понатамошна помош“, рече комесарот за хуманитарна помош и управување со кризи, Јанез Ленаршиќ.
Центарот за координација за одговор при итни случаи на Европската Унија 24/7 е во редовен контакт со хрватските власти и одблизу ја следи состојбата.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека претставниците на власта мартовската плата ќе ја донираат за санирање на последиците од земјотресот во Загреб.
Тој рече дека на телефонската владина седница било одлучено да се отворат две банкарски сметки – една за Загреб, а другата за борба против новиот коронавирус, повикувајќи ги сите кои сакаат да помогнат тоа да го направат.