Во реакција на најавата на ЕУ, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, рече дека новите санкции нема да постигнат ништо и нема да останат без одговор, додавајќи дека санкциите на Западот ѝ нанеле штета на самата Европска Унија
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, предложи нов пакет санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина.
Според последниот предлог, ќе бидат санкционирани над 120 дополнителни поединци и субјекти поради нивната улога во поткопувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. На листата на санкции предложено е ставање лица од рускиот воен, одбранбен и ИТ-сектор, како и други важни економски оператори.

Исто така, се предлага носење на нови забрани за увоз и извоз, како и активности за заострување на горната граница на цените на нафтата.
„Предложените мерки се насочени кон оние што ги организираа неодамнешните, нелегални, таканаречени ‘избори’ на териториите на Украина привремено окупирани од Русија, одговорните за присилното ‘превоспитување’ на украинските деца и актери кои шират дезинформации и пропаганда за поддршка на агресорската војна на Русија против Украина“,
се вели во соопштението на Европската служба за надворешни работи.
Според соопштението, новиот пакет санкции е дел од стратегијата на ЕУ за одговор на илегалната војна на Русија против Украина, заедно со мерките за поддршка на Украина на политички, економски и воен план.
За предложениот, дванаесетти пакет санкции против Русија треба да се договорат сите земји членки на ЕУ.
Во реакција на најавата на ЕУ за новиот пакет санкции, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека тоа е дел од „хибридната војна“ што ја води Западот. Рече дека новите санкции нема да постигнат ништо и нема да останат без одговор, додавајќи дека санкциите на Западот ѝ нанеле штета на самата Европска Унија