Договорот допрва треба формално да биде одобрен на пленарната седница на Европскиот парламент и од земјите членки на Европска Унија, а регулативите се очекува да стапат во сила најдоцна до 4 јули
Европската Унија постигна привремен договор за укинување на увозните тарифи за американските стоки, во обид да го спроведе трговскиот договор со Соединетите Американски Држави (САД) и да избгне нови тарифи со кои се закани американскиот претсердател, Доналд Трамп, јавуваат светските медиуми.

Според договорот, ЕУ треба да ги укине тарифите за американските индустриски производи и да обезбеди преференцијален пристап до американските земјоделски производи, додека САД ќе ги задржат тарифите од 15 проценти за повеќето стоки од Европската Унија.
Трамп претходно се закани со дополнителни тарифи, вклучително и оние за автомобили, доколку ЕУ не ги исполни своите обврски до 4 јули.
Конечното гласање во Европскиот парламент се очекува да се случи кон средината на јуни.
Кипарското претседателство со Советот на ЕУ соопшти дека преговарачите постигнале привремен договор за две регулативи со кои се спроведуваат намалувањата на царините договорени во заедничката изјава меѓу ЕУ и САД.
Преговарачите се согласиле да ги укинат преостанатите царини за американската индустриска стока и да овозможат подобар пристап на пазарот за американските производи од рибарството и земјоделството.
Во соопштението се наведува дека, за да се обезбеди ефикасно спроведување на договорот и заштита на интересите на ЕУ, е договорен засилен заштитен механизам што ќе овозможи суспендирање на царинските поволности доколку САД го прекршат договорот.
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија во Европскиот парламент, Бернд Ланге, изјави дека „патот бил тежок, но вреден“, додавајќи дека ефектите врз европската економија повторно ќе се разгледуваат до крајот на 2029 година.
Царинскиот договор беше постигнат во август 2025 година меѓу Доналд Трамп и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.
Со него беше утврдена горна граница од 15 проценти за повеќето увози од ЕУ во САД, вклучително и автомобили и автоделови.
За возврат, ЕУ се обврза да ги укине царините за американската индустриска стока и да го олесни пристапот на американските земјоделски производи, како свинско месо и млечни производи, на европскиот пазар.
Трамп во меѓувреме ја обвини ЕУ дека не го почитува договорот и најави можност за зголемување на царините за автомобили и камиони увезени од ЕУ на 25 проценти.
Договорот допрва треба формално да биде одобрен на пленарната седница на Европскиот парламент и од земјите-членки на Европска Унија, а регулативите се очекува да стапат во сила најдоцна до 4 јули.
