Од Владата нагласуваат дека се потврди бугарското вето, но и дека ЕУ не ги исполни своите ветувања и дека е направена огромна геостратешка грешка, која може да доведе до продирање на интереси на трети страни во срцето на Европа. Од друга страна, се посочува дека Договорот со Бугарија е добар и дека Владата останува посветена на дијалогот со Софија
Разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на преговарачката рамка, што ќе овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година, за време на германското претседателство, изрази вечерва македонската Влада, коментирајќи ги денешните заклучоци на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР).
Од Владата нагласуваат дека се потврди бугарското вето, но и дека ЕУ не ги исполни своите ветувања и дека е направена огромна геостратешка грешка, која може да доведе до продирање на интереси на трети страни во срцето на Европа. Од друга страна, се посочува дека, Договорот со Бугарија е добар и дека Владата останува посветена на дијалог со Софија, но без намера да преговара за идентитетски прашања.
„За жал, се потврди ветото на Бугарија со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја во ЕУ, иако според сите извештаи на европските институции ние ги исполнивме сите критериуми за да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за да започнат преговорите.
се нагласува во реакцијата на Владата, посочувајќи на минатогодишната ситуација, кога С Македонија не доби почеток на преговори поради француското „не“.
Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ“,
Од кабинетот на Зоран Заев, исто така, нагласуваат дека се изневерени, како што се посочува, оправданите очекувања на нашите граѓани, поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки.
„Разнишана е довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан. Оваа грешка е мотивација за уште посериозна продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа. Барањата Бугарија не се изненадување, но нивната упорност на стојалишта кои немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ, нема да ги променат нашите ставови дека за идентитетските прашања нема преговори“,
истакнуваат од Владата.
Остануваме, велат од Владата, посветени на дијалогот со Софија и барање взаемно прифатливо решение. Спремни сме, додаваат, да разјасниме одредени дилеми доколку има потреба за тоа, но нашите позиции се познати и јавно потврдени: „Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара.“
„Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс на договор. Спремни сме за поактивна имплементација на договорот. Имаме дадено предлог акциски план за проекти меѓу двете држави кои можат да ја унапредат соработката во различни области (економија, инфраструктура, култура, образование, и друго). Секогаш ќе се бориме против говор на омраза. Провокации не се во интерес на никого и мораме да одржуваме цивилизиран и европски дијалог на сите нивоа. Да не влегуваме во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои нема да донесат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ“,
се наведува во реакцијата.
Од Владата велат дека, без разлика што ЕУ испраќа лош сигнал за вредноста на нашите домашни реформи и покажани резултати во процесот на интеграција во ЕУ за кои од Брисел стигнуваа признанија, Северна Македонија останува посветена на истиот стратешки колосек како и до сега.
„Нема отстапување од стремежот за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во НАТО како рамноправна членка на Алијансата и непоколеблива аспирација за членство во ЕУ. Дома нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрување на преговарачката рамка, да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот. Со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома“,
се нагласува во реакцијата на Владата, по денешниот амбасадорски совет на ЕУ на кој беа усвоени заклучоци за Западен Балкан.