Членовите на Европскиот парламент разговараа за присилното носење украински деца во Русија од украинските окупирани територии поради што Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за деца на руската влада Марија Лавова-Белова
Европската Унија мора да се погрижи присилното носење украински деца во Русија да не помине неказнето и да направи сè за да ги врати овие деца кај нивните родители, беше истакнато денеска на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.
Членовите на Европскиот парламент разговараа за присилното носење украински деца во Русија од украинските окупирани територии поради што Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за деца на руската влада Марија Лавова-Белова.
„Наша морална обврска е да направиме сè за да им ги вратиме овие деца на нивните родители. Налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд се важен чекор кон неказнувањето на овие злосторства“,
рече Вера Јоурова, потпретседател на Комисијата за вредности и транспарентност.
Шведската министерка за европски прашања Џесика Розвал, која зборуваше во име на ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, истакна дека сите земји членки имаат обврска да ги извршат издадените налози за апсење.
Единствената порака од дискусијата е дека меѓународната заедница мора да ги искористи сите можни средства за лоцирање, идентификување и враќање на овие деца на нивните родители и да се погрижи воените злосторства да не останат неказнето.
Украинските власти соопштија дека повеќе од 16 000 украински деца биле киднапирани и однесени во Русија од почетокот на инвазијата на Украина, а многумина биле сместени во детски домови. Во зависност од изворите, овие бројки варираат и на некои места се зборува за над 20 000 деца. Москва ги негира тврдењата и вели дека спасувала украински деца со тоа што ги изнесувала од зоната на конфликтот и подготвувала план за нивно враќање кај семејствата.
На 17 март Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин под сомнение дека е одговорен за воено злосторство за незаконско депортирање на украински малолетници од окупираните територии во Украина во Русија. Судот со седиште во Хаг издаде и меѓународна потерница за Марија Лавова-Белова, руската комесарка за деца од истите причини.