Охрабрувачка, според премиерот, е најавата за постепена интеграција во Европската Унија во која, како што рече, земјава има големи шанси бидејќи исполнува два од трите услови за старт на процесот на постепено интегрирање
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека во Европската Унија очигледно е препознаена злоупотребата на ветото од страна на некои од земјите членки, кои, како што вели, се обидуваат преку своето членство да решаваат прашања кои немаат никаква врска со европските вредности.

Тој ова го кажа прашан да го коментира предлогот на Европската комисија за укинување на ветото во процесите на проширување во однос на билатералните прашања што не се поврзани со проширувањето.
„Очигледно е дека таму состојбата е препознаена, дека некои од земјите членки го злоупотребуваат своето членство во рамките на ЕУ и се обидуваат да излезат надвор од рамките на пристапувањето по заслуга и се обидуваат преку своето членство таму да решаваат некакви прашања кои немаат никаква врска со европските вредности и тоа е препознаено. Јас дадов една таква изјава кога во јуни бев во Тиват после средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон“,
изјави Мицкоски одговоарајќи новинарски прашња по посетата на новата детска градинка во Шуто Оризари.
Охрабрувачка, според премиерот, е најавата за постепена интеграција во Европската Унија во која, како што рече, земјава има големи шанси бидејќи исполнува два од трите услови за старт на процесот на постепено интегрирање.
„Првиот услов ќе биде за секоја држава посебен, тоа ќе бидат одредени реформи кои ќе треба државата да ги направи и кои допрва ќе се усогласуваат. Вториот услов е земјата да има заедничка надворешна и одбранбена политика, нешто што, како што кажа и Фон дер Лајен, ние како држава први го направивме и тоа веќе го имаме усогласено. Третото е во делот на системот за јавни набавки – реформа која ние во текот на следната недела ќе ја завршиме и ќе ја усвоиме во рамки на парламентот. Значи, две од трите ги имаме, а за првата чекаме што е тоа што за нас како држава ќе ни биде доставено од страна на Европската комисија“,
рече премиерот.
Вели дека земјава ќе стори сè за да почне постепената интеграција, интеграцијата во единствениот пазар и уште неколку позиции за кои, како што рече, кои постои интерес од наша страна за пристапување.
Европската комисија вчера ги претстави новите предлози за идните проширувања на Европската Унија, кои, меѓу другото, предвидуваат постепена интеграција на кандидатите и пред формалното членство, како и посилни механизми за заштита во случај новата членка да отстапи од своите обврски по пристапувањето.
