ОН објавија на Твитер дека слободата на медиумите „не е играчка“, додека ЕУ се закани дека ќе ја санкционира платформата
Европската унија и Обединетите нации ја осудија одлуката на Твитер да ги суспендира профилите на неколку истакнати новинари кои неодамна пишуваа за новиот сопственик на социјалната мрежа Илон Маск.
ОН објавија на Твитер дека слободата на медиумите „не е играчка“, додека ЕУ се закани дека ќе ја санкционира платформата.
Мелиса Флеминг, заменик-генерален секретар на ОН за комуникации, рече дека е „длабоко вознемирена“ од извештаите дека новинарите биле „произволно“ суспендирани од Твитер.
„Слободниот печат е камен-темелник на демократските општества и клучна алатка во борбата против дезинформациите“,
рече таа.
Претходно, еврокомесарката Вера Јоурова му се закани на Твитер со санкции според новиот европски закон за дигитални услуги за кој таа рече дека бара „почитување на слободата на медиумите и основните права“.
„Илон Маск треба да биде свесен за тоа. Има црвени линии и санкции“,
додаде таа.
Маск директно не ги коментираше суспензиите, но наведе во твит дека „правилата за забрана на објавување лични податоци важат за сите, вклучително и за новинарите“.
„Да ме критикувате од утро до вечер е сосема во ред, но објавувањето на мојата локација во реално време и загрозувањето на моето семејство не е“,
рече Маск.
Портпаролот на Њујорк Тајмс изјави дека суспензијата на профилите на Твитер на голем број истакнати новинари е сомнителна и несреќна и дека тие не добиле никакво објаснување зошто тоа се случило.
Од Си-ен-ен велат дека суспензиите се вознемирувачки, но не и изненадувачки, побараа објаснување и најавија дека ќе го преиспитаат односот со платформата врз основа на нејзиниот одговор.