Во изјавата што шефот на европската дипломатија Жосеп Борел ја даде во името на сите земји членки на ЕУ се изразува посебна загриженост за недостигот на напредок во процесот на деескалација на тензиите на северот на Косово, а одговорноста за тоа е префрлена на двете страни
Европската Унија (ЕУ) ја изразува својата загриженост дека Србија и Косово не ги спроведуваат своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација и анексот за негова имплементација, за кои двете страни се договорија на почетокот на оваа година и се обврзувачки за нив и играат улога на европскиот пат на земјите, се вели во соопштението на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел во име на сите земји членки на ЕУ.
Во соопштението објавено денеска, од Србија и од Косово се бара да ги спроведат сите досегашни договори, а особено се нагласува дека работата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) треба да започне без натамошно одлагање или предуслови.
ЕУ е подготвена да воведе нови мерки
Преку ова соопштение се потврдува дека Европската Унија (ЕУ) е подготвена да воведе нови мерки против двете страни доколку тоа се покаже неопходно.
Кон средината на јуни ЕУ воведе мерки против владата на Косово поради неисполнување на барањата од 3 јуни, кои вклучуваат повлекување на полициските единици од општинските згради на северот, повлекување на градоначалниците од зградите и повикување на вонредни избори за четири општини на северот на Косово.
„Барањата дадени во изјавата во име на ЕУ од 3 јуни остануваат целосно валидни. Реверзибилните мерки преземени од ЕУ остануваат во сила, вклучително и суспензијата на состаноците на високо ниво со Косово. ЕУ е подготвена да ги укине овие мерки доколку има напредок во исполнувањето на постојните барања или, доколку е потребно, да се проценат натамошни мерки кон страните“,
се вели во соопштението.
Се потсетува на важноста од брзо одржување предвремени локални избори на северот на Косово за да се намалат тензиите и во таа смисла се бара „најбрзо решение за да се овозможи распишување избори“. Косовските Срби се охрабруваат целосно да се вклучат во изборниот процес и јавно да го изразат своето безусловно учество.
Со оваа објава ЕУ ги повикува сите политички актери, на сите нивоа на власт, како во Косово така и во Србија, конструктивно да се вклучат во процесот што води до предвремени локални избори на северот на Косово, да избегнуваат понатамошни чекори за ескалација и да го поддржат напредокот во дијалогот со поддршка на ЕУ.
Двете страни се одговорни за деескалацијата на ситуацијата на северот на Косово
Во изјавата што Борел ја даде во името на сите членки на ЕУ се изразува посебна загриженост за недостигот на напредок во процесот на деескалација на тензиите на северот на Косово, а одговорноста за тоа е префрлена на двете страни.
„И покрај постојаните повици од ЕУ и другите меѓународни партнери, досега преземените чекори се сè уште недоволни, а безбедносната состојба на северот и понатаму е напната“,
се нагласува во објавеното соопштение.
И САД со порака за деескалација на северот на Косово
Освен од ЕУ, порака за деескалација на ситуацијата во северот на Косово денеска упатил и високиот претставник на Стејт департментот на САД, Дерек Шоле, за време на разговорот со косовската претседателка Вјоса Османи.
„Добар разговор со претседателката Вјоса Османи за нашата заедничка заложба за евроатлантската иднина на Косово, за потребата од деескалација на ситуацијата и итен ангажман во дијалогот за нормализација на односите со Србија, со посредство на ЕУ, што е клучно за регионалната стабилност и интеграција кон ЕУ“,
напиша Шоле на Твитер.
Good discussion with President @VjosaOsmaniPRKS on our shared commitment to Kosovo’s Euro-Atlantic future, the need to de-escalate tensions, and engage urgently in the EU-Facilitated Dialogue to normalize relations with Serbia – the key to regional stability and EU integration. pic.twitter.com/vMHxk2mcsT
— Derek Chollet (@CounselorDOS) September 19, 2023