На денешното заседание на Советот на министрите на земјите членки на ЕУ во Брисел, како што изјавил Борел нема да се разговара само прекин на актулените насилства, туку и за следните чекори што ќе треба да се преземат за обнова на Газа, како и за постигнување на интегрирано решение за палестинското прашање
Итни паузи во борбите меѓу Израел и Хамас и воспоставување хуманитарни коридори за доставување помош на населението во Газа, е усогласениот став на сите 27 земји членки на Европската Унијата во однос на кризата на Блискиот Исток, преточен во заедничката изјава објавена вчеравечер. Ова денеска го изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел пред почетокот на состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на Унијата во Брисел, пренесуваат агенциите.
„Вчера работевме цел ден со цел да можеме да излеземе со заедничка изјава на сите 27 членки. Среќен сум што можам да кажам дека успеавме ставовите на сите 27 членки да ги вметнеме во една изјава. Знаете како беше тешко минатиот пат да се излезе со целосно усогласен пристап по гласањето во ОН, кога земјите гласаа на различен начин“,
рекол Борел.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Брисел, додал дека во заедничката изјава Израел се повикува да покаже максимална воздржаност за да обезбеди заштита на животите на цивилното население, додека истовремено се осудува праксата на Хамас да ги користи болниците и цивилите како жив штит.
Во изјавата на Борел објавена вчера во името на сите членки, во правата реченица се посочува дека ЕУ е сериозно загрижена поради продлабочувањето на хуманитарната криза во Газа. ЕУ, се наведува понатаму, се приклучува на повиците за итни паузи во непријателствата и воспоставување хуманитарни коридори, вклучително и преку зголемен капацитет на граничните премини и преку поморска рута, за да може хуманитарната помош безбедно да стигне до населението во Газа.
„Во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 26 октомври, ЕУ повторно го нагласува правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. ЕУ повикува на континуиран, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап и помош за оние на кои им е потребна преку сите неопходни мерки, вклучително и хуманитарни коридори и паузи за хуманитарни потреби. Во таа насока, ги поздравуваме резултатите од хуманитарната конференција на 9 ноември одржана во Париз“,
се наведува во изјавата.
As EU & its 27 member states, we are gravely concerned about the deepening humanitarian crisis in Gaza.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) November 12, 2023
We call for immediate pauses in hostilities and the establishment of humanitarian corridors, so that humanitarian aid can safely reach the population of Gaza.
1/3
Унијата го повтори и својот повик до Хамас за итно и безусловно ослободување на сите заложници (кои милитантната група ги киднапираше на 7 октомври при нападот на Израел), како и дека е од клучно значење Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да добие пристап до нив.
Од ЕУ нагласуваат дека болниците, медицинскиот персонал и цивилите мора да бидат заштитени.
„ЕУ ја осудува употребата на болниците и цивилите како жив штит од страна на Хамас. На цивилите мора да им се дозволи да ја напуштат борбената зона. Овие непријателства сериозно ги погодуваат болниците и земаат ужасни жртви меѓу цивилите и медицинскиот персонал. ЕУ нагласува дека меѓународното хуманитарно право пропишува дека болниците, медицинските материјали и цивилите во болниците мора да бидат заштитени. Болниците, исто така, мора веднаш да бидат снабдени со најитните медицински материјали, а пациентите на кои им е потребна итна медицинска помош треба безбедно да се евакуираат. Во овој контекст, го повикуваме Израел да покаже максимална воздржаност за да обезбеди заштита на цивилите“,
се наведува во заедничката изјава и се додава дека ЕУ и нејзините земји члнеки ќе продолжат тесно да соработуваат со меѓународните партнери, Обединетите нации и другите агенции, како и со земјите од регионот за да обезбедат пстојан проток на помош и да го олеснат пристапот до храна, вода, медицинска нега, гориво и засолниште.
На денешниот заседание во Брисел, како што изјавил Борел денеска нема да се разговара само прекин на актулените насилства, туку и за следните чекори што ќе треба да се преземат за обнова на Газа, како и за постигнување на интегрирано решение за палестинското прашање.
„Тоа е вистинскиот политички проблем со кој треба да се соочиме. Кое ќе биде дефинитивното решението за конфликтот меѓу Израел и Палестина што доведе до ова ниво на хорор. Ќе мора да бараме мир помеѓу нив, бидејќи не е можно изолирано решение за Газа“,
додал Борел.
Тема на состанокот, покрај случувањата на Блискиот Исток, ќе бидат и случувањата во Украина и помошта што ЕУ ја договори за земјата во нејзината борба против руската агресија.
„Нашата поддршка се зголемува. Постигнавме договор за 27 милијарди воена поддршка. Тоа е највисока вредност достигната кога и да е. Продолжуваме со обука на украинските војници. Продолжуваме да стоиме покрај Украина“,
рекол Борел.
По завршувањето на седницата на Советот, шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ ќе имаат средба и со министри од државите од регионот на Западен Балкан. На крајот од денешната агенда е средба со претседателот на КОП28, Султан ал Џабер, на која тема ќе бидат подготовките за Самитот за климата што треба да почне во Дубаи на крајот на месецот.