Комисијата за етички прашања при Агенцијата за лекови МАЛМЕД на денешниот состанок одобрила користење на лекови за кои нема цврсти клинички докази дека се делотворни, но се користат во повеќе држави за третирање на заболени од новиот коронавирус, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„Станува збор за комбинацијата на антималарикот хлорохидроксикинин и азитромицинот (‘Сумамед’), која се покажа ефективна во повеќе земји, на повеќе пациенти и согласно таа одлука, веќе од утрешниот ден ќе биде аплицирана на пациентите кои се лекуваат кај нас во болнички или домашни услови, но по соодветна индикација од лекарот. Прво, потребна е проценка на клиничката состојба, поради тоа што се дава кај одредена група, а не кај сите пациенти“,
рече Филипче.
Азитромицинот е антибиотик, познат како „Сумамед“, кој во некои првични студии од Франција се посочува дека во комбинација со лек против маларија дејствува кај дел од пациентите заразени со новиот коронавирус. ‘Сумамед’ е повлечен од слободна продажба, откако граѓаните почнале да го купуваат во големи количини, иако лекарите велат дека нема потреба за тоа. Напротив, земањето на своја рака може да биде опасно по здравјето.
Лекот против маларија, пак, македонските власти успеале да го набават во доволни количини, посочи деновиве министерот Филипче.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Проф. д-р Грозданова: Внимателно со лековите!