Мини-студија направена во Франција, која покажа дека комбинација на лек против маларија со антибиотикот „сумамед“ може да дејствува против болеста ги натера и македонските здравствени власти да размислуваат во насока на можна примена на овие медикаменти. На оваа тема разговаравме со професорката Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство.
Професорке Грозданова, каква е оправданоста од евентуално внесување на овие лекови во терапијата со која се третираат заболените од коронавирус во Македонија?
Во моментот целата научна и светска јавност најверојатно се обидува да одговори на ова прашање, со цел да се најде што побргу соодветна и ефикасна терапија за ковид-19. Верувајте дека на дневна основа се следат извештаите од клиничките ефекти од различни студии. Мора да се спомене дека колегите од Кина први и многу безрезервно ги споделија нивните искуства коишто се исклучително битни и врз база на коишто, всушност, се базираат протоколите коишто сега веќе секоја од земјите во светот ги подготвува. Ова што го споменавте вие е дека научната јавност во последните неколку дена посебно беше заинтересирана за податоците коишто излегоа од студијата во Марсеј во Франција каде што дваесетина пациенти беа третирани со комбинација од хидроксихлорохинин заедно со азитромицин. Оваа терапија во којашто, всушност, се користи еден антималарик, тоа е хидроксихлорокининот, којшто се користи како антиревматик, покажала резултати на начин што дала значајно намалување на присуството на вирусот, времетраењето на вирусната инфекција и соодветно споредено со истото коешто било релативно подолго кај пациентите и поинвазивно кај пациентите што не го примиле лекот. Дополнително, се забележало дека додавањето на азитромицинот, значи комбинацијата од хлорохин, хлорохидроксикинин и азитромицин дала уште подобри ефекти. Меѓутоа, она што мора да се спомене е дека бројот на овие испитаници е многу мал и оваа студија е многу рано да се потврди дека постои ефикасност и безбедност, особено имајќи во предвид дека и комбинацијата на лекови се користи во таканаречена „оф-лејбл“ употреба, односно надвор од нивната основна индикациона употреба. Сепак, она што е добро е што станува збор за два лека со коишто претходно имаме искуство во нивната употреба. Исто, доста се охрабрувачки резултатите кои дале позитивен ефект кај одредена група на пациенти и во одредена фаза од заболувањето. Но, имајќи во предвид колкава е потребата за што побрза и поефикасна терапија, особено кај тешките форми на болест и евентуално онаму каде што навистина немаме што друго да употребиме, оправдано е да се направат и обиди да се примени оваа терапија за лекови којашто веќе во неколку центри во светот се користи.
До каде е процедурата за лековите да може да почнат да се применуваат од инфектолозите кај нас?
Колку што имам информации од колегите од Инфективната клиника, тие веќе го имаат подготвено протоколот за лекување, токму според насоките коишто ги добиваме од сите овие студии и меѓународни протоколи. Овој протокол не опфаќа лекување само со оваа комбинација, туку направени се и повеќе други алтернативи. После подготовката на овој протокол би следело одобрување од етичката комисија во нашата агенција за лекови во МАЛМЕД, по што би следела набавка на тие лекови и соодветна нивна употреба, но особено е битно според пропишаниот протокол и според соодветните критериуми коишто лекарите од Инфективната клиника веќе ги имаат дефинирано кај кои пациенти во која фаза која терапија да се користи.
Од Министерството за здравство информираа дека, поради огромна побарувачка на „сумамед“ во аптеките, тој е повлечен од слободна продажба и може да се добие исклучиво на рецепт и на товар на Фондот.
Ги чув овие информации и официјално, и од колегите фармацевти од аптеките. Најпрво еден многу сериозен апел до нашите граѓани, дека станува збор за терапија која во ниеден случај не би требало да ја користат на своја рака, особено имајќи во предвид дека токму оваа терапија, односно антибиотската терапија е многу важно да се прима со давање на соодветна индикација. Неправилната, неоправданата употреба на антибиотици којашто, можеби е и пракса во нашите простори, вклучително и на азитромицинот може да дојде до создавање на резистентност и неефикасност кон истиот кога навистина тој би требало да биде употребен. Дополнително, употребата или можеби идеите да некои пациенти примаат на своја рака ваков вид на терапија е исклучително ризична, имајќи во предвид дека може да биде дури и фатално кај некои од овие пациенти. Во таа конотација, навистина е можеби и добар чекорот којшто Министерството за здравство го направило за повлекување, односно рестриктирано давање на „сумамедот“, со цел да нема злоупотреба.
Има и други лекови кои се дел од експериментални тестирања во светот. Што е со нив и дали македонската наука и власти ги следат и овие процеси?
Во моментот постојат повеќе студии за лекови и протоколи. Споменав дека и протоколите коишто се изготвуваат не се само за еден вид терапија. Многу ветувачки и таргетирана терапија во овој случај би била антивирусната терапија иако тука е многу лимитиран изборот што го имаме. Меѓу групата на различни антивирусни лекови првенствено е ремдесивирот, тој според она што го гледаме најмногу ветува. Тој е еден од антивирусните лекови којшто беше користен во третман на ебола. Потоа е комбинацијата од ХИВ-екови, а тоа е лопинавир со ритонавир. Оваа комбинација може да биде давана самостојно или во комбинација со интерферон бета. И секако, тука е и антиревматикот тоцилизумаб, за кој одредени студии покажуваат негова добра ефикасност. Во сите овие протоколи се додаваат и интерферонска и антибиотска терапија. Инаку, да, се следат сите истражувања. Во исто време започнуваат два глобални проекти. Едниот од СЗО, којшто е именуван како „Солидарност“, а другиот од ЕУ којшто е именуван како „Дискавери“, каде што всушност овие 4 вида терапија ќе бидат дел од едно глобално, мултицентрично истражување, коешто веќе започна од пред неколку дена.