„АД ЕСМ ќе вложи напори да им помогне на граѓаните на Украина, искажувајќи грижа не само за нашите граѓани во границите на Северна Македонија, туку и за сите луѓе кои се соочуваат со предизвици и на кои може да им се помогне. АД ЕСМ ќе помогне со опрема и делови кои ги има на залиха, а кои во моментот не се неопходни за користење“, велат од компанијата
Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе помогне во обновата на електро-енергетскиот систем на Украина.
Помошта на ЕСМ кон енергетскиот систем на Украина била утврдена на денешната средба на генералниот директор на компанијата, Васко Ковачевски со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир и заменик-амбасадорот, Роман Буга.

На средбата се разговарало за тешката состојба во енергетскиот сектор во Украина, како последица на конфликтот со Русија, што доведе милион жители на Киев да живеат без струја и вода.
Во таа насока, украинската амбасадорка побарала помош од ЕСМ со цел да придонесе во обновата на инфраструктурата за производство на електрична енергија во Украина.
„АД ЕСМ ќе вложи напори да им помогне на граѓаните на Украина, искажувајќи грижа не само за нашите граѓани во границите на Северна Македонија, туку и за сите луѓе кои се соочуваат со предизвици и на кои може да им се помогне. АД ЕСМ ќе помогне со опрема и делови кои ги има на залиха, а кои во моментот не се неопходни за користење“,
велат од ЕСМ.
Освен за производството на електрична енергија, од украинската амбасада била побарана помош и за преносниот систем за електрична енергија, за што, како што велат од ЕСМ, ќе треба да помогнат другите субјекти во електро-енергетскиот систем.