Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан и посредникот на ЕУ порачаа дека сите земји на Западен Балкан треба да се признаат меѓу себе и да се приклучат на Европската Унија
Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и посредникот на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, на крајот од нивната тридневна посета на Косово, изјавија дека намерата не им е да наметнуваат некаков модел на договор за решавање на споровите со Србија, јави МИА од Приштина.
На заедничка прес конференција пред нивното заминување за Србија, Ескобар и Лајчак порачаа дека САД и ЕУ не се дел од дијалогот и преговорите, но очекуваат од Приштина и Белград да го спроведат договореното.
„Ние не сме дел од дијалогот и преговорите. Меѓутоа, веруваме дека договорите што се постигнати во минатото треба да се спроведат. Сепак, ние не сме дојдени со некаков опис или предлог на решение кое би сакале да го наметнеме. Фактички, бараме од двете страни да покажат конструктивност, да ни ја кажат нивната визија каква треба да биде заедницата (на општини со мнозинско српско население во Косово) и да се продолжат преговорите таму каде што се застанати“,
изјави Ескобар.
Тој нагласи дека САД очекуваат Западен Балкан да се приклучи на ЕУ, а од Косово се бара да го спроведе она за што се согласило во претходните договори и да изнајде модел за формирање на заедницата, без да се повреди суверенитетот на државата.
„Не значи дека тоа треба да бидат модели кои наштетуваат на суверенитетот на Косово. Треба да се изнајдат модели и тие да се имплементираат. Намерата не ни е да наметнуваме нешто. Ние веруваме дека сите земји на Западен Балкан треба да се признаат меѓу себе и да се приклучат на Европската Унија“,
рече Ескобар повторувајќи дека САД силно ги поддржуваат независноста и територијалниот интегритет на Косово.
Претставникот на ЕУ нагласи дека Косово е рамноправна страна во дијалогот и дека не се бара на своја територија да формира нова Република Српска.
„Заедницата е постојано тема на дијалогот. Косово е рамноправна страна во дијалогот и ништо не може да му се наметне. Никој не сака нова Република Српска во Косово. Но вие имате преземено обврска и не треба да се плашите од нешто непостоечко, туку треба да излезете со ставови“,
рече Лајчак.
Посредниците на САД и ЕУ престојуваа во Косово од понеделникот и се сретнаа со претседателката на државата, Вјоса Османи, со премиерот Албин Курти, со лидери на опозицијата и претставници на косовските Срби, како и со претставници на меѓународната заедница во Косово и на граѓанските организации.
Во најновиот заеднички обид на САД и ЕУ да го заживеат процесот на преговори, по престојот во Приштина, Ескобар и Лајчак ќе ја продолжат посредничката мисија со дводневна посета на Белград.