Покрај за Ристовски, судот во Стразбур донесе пресуда и за ексраководителот на Одделот за посебни единици во полицијата, Митко Пешов, кој беше осуден во првиот предмет за настаните од 27 април 2017 година во Собранието. И во неговиот случај, кој Судот во Стразбур го споил во еден предмет заедно со случајот на Ристовски, донесена е пресуда со која е утврдена повреда на правото слобода во однос на притворите
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур денеска ја објави пресудата според која на поранешниот министер Спиро Ристовски, обвинет во случајот „Организатори на 27 април“, му било повредено правото на слобода во однос на продолжувањето на мерката куќен притвор.

Истовремено пресуда има и за ексраководителот на Одделот за посебни единици во полицијата, Митко Пешов, кој беше осуден во првиот предмет за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, во јавноста познат како „кравниот четврток“. И во неговиот случај, кој Судот во Стразбур го споил во еден предмет заедно со случајот на Ристовски, донесена е пресуда со која е утврдена повреда на правото слобода во однос на притворите.
Судот во двата случаи утврдил дека има повреда на членот 5 став 3 од Европската конвенција за човекови права.
Како што се наведува во пресудата на ЕСЧП во случајот на Пешов, Судот едногласно одлучил дека има повреда на членот 5 став 4 од Конвенцијата поради задоцнетата достава на жалбата на јавниот обвинител против наредбата за домашен притвор и поради одложеното разгледување на одлуката за притвор.
На полицаецот, како што објаснила неговата адвокатка за ТВ Телма, која ја застапувала неговата жалба пред судот во Стразбур, Павлина Зефиќ–Јакимовска, му било повредено правото на слобода и сигурност затоа што мерката куќен притвор му била заменета со ефективен притвор без да биде сослушан и без да му бидат доставени аргументите на обвинителството.
И во однос на ексминистерот Ристовски, судот во Стразбур смета дека има повреда на членот 5 став 4 од Конвенцијата поради тоа што не му била доставена копија од поднесоците на повисокиот јавен обвинител на неговите жалби против десет наредби за продолжување на куќниот притвор.
На што се жалеа Ристовски и Пешов пред судот во Стразбур
Во пресудата на Европскиот суд за човекови права се наведени елементите кои двајцата ги навеле во жалбите до Судот.
Така за Ристовски во пресудата се наведува дека:
„Од 30 јули 2019 година до 21 август 2020 година (периодот релевантен за случајот пред Судот) на Спиро Ристовски му бил продолжуван куќниот притвор 14 пати, поради ризик од негово бегство. Писмените поднесоци на обвинителот, како одговор на жалбите на Ристовски, против 13 од налозите за продолжување, не беа доставени до жалителот. Одлуките на Апелацискиот суд со кои се отфрлаат жалбите на вториот жалител против наредбите за продолжување од 25 декември 2019 година и 23 јули 2020 година, му биле доставени на 6 февруари и на 25 август 2020 година соодветно. Во април 2023 година, како што објавија медиумите, Апелацискиот суд ја укина пресудата на Ристовски и го врати предметот на повторно разгледување. Тој се жалел според членовите 5, 3 и 4 од Конвенцијата на недоволни причини и одложено преиспитување на неговиот домашен притвор, како и на неиспраќање копија од писмените поднесоци на обвинителот“.
Судот ја дава и хронологијата на одредувањето и продолжувањето на мерката затворски и куќен притвор за Митко Пешов, па така во пресудата е наведено дека:
„На 28 ноември 2017 година, првиот жалител (Митко Пешов н.з.) бил ставен во домашен притвор. На 30 ноември 2017 година, совет од тројца судии на Основниот суд Скопје заседавајќи дозволил жалба на јавниот обвинител – чиј примерок му беше доставен на адвокатот на првиот жалител на 1 декември 2017 година – и решението за куќен притвор го замени со мерка притвор во затвор. Притворот на првиот жалител беше продолжен во неколку наврати, вклучително и со наредба од 26 јануари 2018 година. На 21 февруари 2018 година Апелацискиот суд Скопје ја отфрли жалбата поднесена од апликантот на 30 јануари 2018 година против таа наредба. На 26 март 2018 година, Врховниот суд го замени притворот на првиот жалител со домашен притвор. На 27 март 2018 година, советот повторно му одреди притвор на првиот жалител и последователно го продолжи шест пати врз основа на ризикот од негово бегство. На 5 октомври 2018 година, првиот жалител бил ослободен со кауција. Како што објавија медиумите, во мај 2023 година, Врховниот суд на крајот ја потврдил пресудата на првиот жалител со конечна сила. Тој се пожали според член 5 ставови 3 и 4 од Конвенцијата на недоволни причини за продолжување на притворот, недостаток на усна расправа и недостиг на контрадикторна постапка за одредување притвор на 30 ноември 2017 година и одложено разгледување на неговиот притвор, откако беше продолжен на 26 јануари 2018 година“.

За двајцата е досудена нематеријална штета од по 750 евра која Република Северна Македонија како тужена страна треба во рок три месеци да им ја исплати на Ристовски и на Пешов, додека за трошоци и расходи на Пешов треба да му бидат исплатени 1 440 евра, а на Ристовски 1 500 евра.
Инаку, во Стразбур, како што се наведува во пресудата, прво стигнала апликацијата на Митко Пешов, а по неа и на Ристовски, кои поради сличниот предмет на жалбите, Судот сметал дека е соодветно да ги испита заеднички. Во врска со предметот, Судот во Стразбур заседавал на 12 декември минатата година, а пресудата е објавена денеска.
Зефиќ-Јакимовска: Се надевам дека судовите ќе извлечат поука и ќе ја променат праксата со притворите
За пресудата на социјалната мрежа Фејсбук информира правната застапничка на Пешов која напиша дека станува збор за втора пресуда на Европскиот суд за човекови права во која се утврдува повреда за обвинетиот Митко Пешов, обвинет во предметот „27 април“, во постапката за одредување на мерката притвор од домашните судови.
„Мали износи на штета, но за нас голема сатисфакција зашто знам дека ќе следуваат и други пресуди со повреди од судот во Стразбур за оваа постапка. Се надевам судовите ќе извлечат поука и ќе ја променат праксата со притворите, за да не плаќаат граѓаните за нивните грешки“,
напиша Зефиќ-Јакимовска на Фејсбук.
Инаку, на 14 ноември мината година ЕСЧП ја објави пресудата според која на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор во случаите „27 април“ и „Шпански скали“. Судот и во неговиот случај утврди недостиг на доволни причини за неговото лишување од слобода и ненавремено разгледување на жалбите кои се поднесувани за притворите.
Во однос на судските процеси за 27 април, оној во кој е засегнат Митко Пешов, заврши со пресуда од сите судски инстанци во земјава, откако на 3 мај лани Врховниот суд ги одби барањата за вонредно преиспитување на пресудата со што практично ги потврди одлуките што претходно ги донесоа Основниот кривичен и Апелацискиот суд во Скопје. Пешов во случајот беше осуден на затворска казна од 13 години.
Што се однесува до предметот „Организатори на 27 април“, скопска Апелација на 3 април лани ја укина првостепената пресуда и го врати случајот на повторно судење во Основниот кривичен суд во Скопје.