„Конктретно околу бугарските здруженија, јас можам да кажам дека ова го третирам од аспект на провокација и е во интерес на хибридни стратези кои се уште не се откажуваат да го попречат или да го успорат нашиот пат, на Република Северна Македонија, да се зачлени во Европската Унија“, вели директорот на Агенцијата за разузнавање
За директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, отворањето бугарски здруженија во Македонија со имиња како „Цар Борис Трети“ или „Ванчо Михајлов“, е провокација и е во интерес на хибридни стратези. Тој во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека нивната цел е да го забават зачленувањето на земјава во Европската Унија.
„Во целиот процес во изминативе 10-12 години јасна и видлива беше интенцијата на трети актери да го успорат процесот на зачленување на Македонија, Црна Гора и други држави во НАТО, исто како и во делот на Европската Унија. Конктретно, околу бугарските здруженија, јас можам да кажам дека ова го третирам од аспект на провокација и е во интерес на хибридни стратези кои се уште не се откажуваат да го попречат или да го успорат нашиот пат, на Република Северна Македонија, да се зачлени во Европската Унија. Но, морам да кажам дека ова нема ништо негативно во односите на Агенцијата за разузнавање со двете цивилни безбедносно-разузнавачки служби на Република Бугарија кои ни се сојузници во НАТО – заеднички работиме, разменуваме информации и за актери кои хибридно делуваат. Само да се потсетиме, таму имаше протерување на дипломати на држави кои го попречувале процесот на разговори помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија“,
рече Муслиу.

Тој рече дека и историчарите што се обидуваат да дадат политички контекст во нивните изјави, а припаѓаат во некое минато време и се уште немаат расчистено со нивната идеолошка матрица од минатото, ги третираат во, како што рече, оваа рамка.
Сепак, Муслиу вели дека нема дилема оти Бугарија сака да ја види Северна Македонија како членка на Европската Унија.
„Целиот процес, откако е потпишан Договорот за добрососедство и пријателство, па и во периодот кога имаше вето, од официјална Бугарија сите официјални лица даваа изјави и јасно го кажуваа ставот дека сакаат час поскоро Република Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Тука немам дилема. Јас кажав дека единствено на што сме фокусирани се трети актери кои сакаат да го попречат нашиот пат кон ЕУ“,
вели тој.