Во текстот на резолуцијата се повикува Советот на ЕУ да воведе рестриктивни мерки против, како што се посочува, дестабилизирачките актери на северот на Косово и водачите на големите мрежи на организиран криминал. Со резолуцијата која ја усвои, Европарламентот, меѓу другото, изрази загриженост поради „дестабилизирачкото влијание на српските власти предводени од претседателот Александар Вучиќ во целиот регион“
Европскиот парламент (ЕП) ја изгласа резолуцијата за Косово и Србија со која се осудува нападот во селото Бањска што се случи на 24 септември годинава, оценувајќи го за „кукавички терористички напад врз косовските полицајци од српски доброорганизирани паравоени формации во Бањска“.
Резолуцијата ги повикува Европската комисија (ЕК) и Советот на ЕУ да преземат мерки против српската влада доколку истрагите покажат оти Србија е директно вмешана во нападот во Бањска или во насилните напади што се случија на северот на Косово во мај 2023 година. Ако истрагата покаже директна вклученост во овие напади, ЕК е должна да ги замрзне средствата од Инструментот за претпристапна помош обезбедени за Србија.
Во текстот на резолуцијата се повикува Советот на ЕУ да воведе рестриктивни мерки против, како што се посочува, дестабилизирачките актери на северот на Косово и водачите на големите мрежи на организиран криминал.
Во овој контекст, Советот на ЕУ се повикува да го следи примерот на САД и да воведе мерки против експретседателот на партијата Српска листа, Милан Радоичиќ.
Со резолуцијата која ја усвои, ЕП изрази загриженост поради „дестабилизирачкото влијание на српските власти предводени од претседателот Александар Вучиќ во целиот регион“. Притоа се истакнува поддршката за граѓаните на Србија во нивната борба за европска демократија, но се изразува и жалење што, како што се вели, некои политики на српското раководство ја попречуваат желбата на граѓаните за таква европска иднина.
„ЕП ја изразува својата загриженост за недостигот на гласни критики од Комисијата, и покрај непочитувањето на санкциите од страна на земјата, постојаните и чести состаноци на високо ниво со руските власти, вклучително и средбите во Русија, демократското назадување на земјата и недостатокот на напредокот во реформите и покрај дестабилизирачкиот ефект на српската политика и за целиот регион“,
се наведува во резолуцијата.
Дополнително, Европарламентот ја повикува ЕУ да ја зајакне својата посредничка улога во дијалогот меѓу Србија и Косово и воопшто во Западниот Балкан и да предложи нов, избалансиран пристап за посредување меѓу страните за да се надмине моменталниот застој со оглед на последиците од нападот на 24 септември.
Со резолуцијата, ЕП го поддржува процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија, а двете страни се повикуваат на вклученост во дијалогот со цел постигнување сеопфатен и правнообврзувачки договор за нормализација врз основа на принципот на меѓусебно признавање.
„Европскиот парламент ги повика Србија и Косово да ги осудат сите форми на насилство и провокации, повикувајќи на воздржаност и итен прекин на сите дејствија кои би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите. Приштина и Белград да се воздржат од еднострани дејствија кои би можеле да ги поткопаат мирот и стабилноста во регионот и наместо тоа активно да работат на мирно решавање на споровите преку дијалог“,
се додава во резолуцијата.
Со резолуцијата се упатува посебен повик до Србија со која се бара да се воздржи од каква било понатамошна ескалација што го поткопува уставниот поредок на Косово.
Дополнително, ЕП изразува жалење што Србија ја продолжува својата кампања за повлекување на признавањето на Косово, а од Белград се бара да се воздржи од обидот да го изолира Косово од меѓународната сцена.