Речиси е извесно дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе присуствува на Министерскиот совет на ОБСЕ кој од 29 ноември до 1 декември годинава ќе се одржи во главниот град на Северна Македонија, што ќе биде прва посета на шеф на американската дипломатија на земјава по онаа на Колин Пауел во 2001 година
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека нема никакви индикации дека шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен нема да дојде на Министеркиот совет на ОБСЕ во Скопје, а според информациите што ги има, се очекува во македонскиот главен град да пристигнат и министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, на други земји членки на НАТО, на ЕУ како и централна Азија.
Во однос на тоа дали во земјава ќе дојде и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, тој рече дека процедурата за неговото доаѓање е започната, иако Руската Федерација подлежи на санкции од ЕУ кон кои се има приклучено и Северна Македонија.
Османи: Во санкциите се вели дека за меѓународни организации како што е ОБСЕ е дозволен прелет, сепак одлуката е на земјите членки. Затоа нашите соседи ќе треба да одлучат, а и ние за нашиот воздушен простор.
360°: Ако дојде Лавров, можно ли е да не дојде украинскиот министер Дмитро Кулеба?
Османи: Јас се надевам дека тоа нема да се случи, затоа јас отидов во Киев пред 2-3 недели, за да обезбедам присуство и на Кулеба.
360°: Што беше одговорот на Кулеба?
Османи: Сè уште сме во разговори за тие прашања, јас мислам дека како што во Виена секој вторник имаме состанок и си кажуваме сè во лице, така треба да биде и во Скопје.
360°: САД имаат ли против доаѓање на Лавров во Скопје?
Османи: Јас не можам да зборувам во име на САД, но сме во блиска координација со сите земји.
Османи смета дека војната на Блискиот Исток и руската агресија врз Украина нема да попречат одредени делегации да не дојдат, туку напротив, дека можеби поради тоа ќе се зголеми присуството на министри од медитеранската група земји, кои не се членки туку партнери во ОБСЕ.
Кога станува збор за подготовките, Османи вели дека сè ќе биде направено според стандардите за вакви собири, односно дека се раководат по водич на ОБСЕ во кој се утврдени и најситните детали. Во салата „Борис Трајковски“ во моментот се работи на адаптација на просторот, а во главната, пленарната сала, ќе има место за 76 делегации, односно министри за надворешни работи и нивни делегации.
„Ќе има 57 земји членки на ОБСЕ и 11 партнерски земји од медитеранската група, т.е. Израел, Јордан, Мароко, Алжир… и азиската група каде што се Јужна Кореја, Јапонија, Тајланд итн. Ќе дојде заменик-министерот на Тајланд и ќе биде прв офцијален претставник на Тајланд што дошол во Северна Македонија од независноста. Очекувам веќе деновиве да заврши градежниот дел во ’Борис Трајковски’ и да почне внесувањето опрема, така што ќе имаме потоа уште една недела за симулации за организацијата. Во моментот оди согласно динамиката која е предвидена“,
кажа Османи.
Тој вели дека според набавките, досега се потрошени три милиони евра иако првично биле предвидени пет милиони согласно насоките од Виена. Тој кажа и дека во Скопје има доволен број хотели кои можат да ги сместат сите гости.
„Веќе ги букиравме петте најголеми хотели во државата и некои други. Ние сакавме и се уште сме на тој став дека министрите треба да бидат во еден хотел заради полесно безбедносно покривање и логистика, а делегациите да се распределат. Има делегации во кои министрите не сакаат да се делат од нивните тимови, што е мал проблем. Некои сами си букираат, има големи држави кои букирале цели хотели бидејќи се големи делегации, обично се помеѓу 30 и 60, па и до 100 луѓе во една делегација“,
рече Османи.