Причините за продолжување на притворот ќе бидат наведени подоцна во писменото соопштение на судот. Браќата Тејт ги негираат сите обвинувања
Контроверзниот инфлуенсер и самопрогласен мизогинист Ендрју Тејт и неговиот брат Тристан остануваат во притвор до 27 февруари, откако романскиот суд им го продолжи полицискиот притвор, објави Би-би-си. Браќата Тејт се под истрага за наводи за сексуална злоупотреба и експлоатација, а судијата одлучи дека ќе бидат задржани во притвор уште еден месец додека полицијата води истрага.
Причините за продолжување на притворот ќе бидат наведени подоцна во писменото соопштение на судот. Браќата Тејт ги негираат сите обвинувања.
Ендрју Тејт, неговиот брат и двајцата романски осомничени беа уапсени на 29 декември под обвинение дека формирале криминална група која сексуално експлоатирала шест жени. Тие го негираа тоа. Тие, исто така, се обидоа да го оспорат едномесечниот налог за апсење, но апелациониот суд во Букурешт оваа недела ја отфрли жалбата, одлучувајќи дека сите треба да останат во притвор.
Во неделата, романските власти објавија дека заплениле четири милиони евра стоки и готовина како дел од истрагата за наводна трговија со луѓе.
Националната агенција за управување со конфискуван имот минатата недела го презеде управувањето со 29 движни средства, меѓу кои луксузни возила и скапи часовници, како и готовина во различни валути, се вели во соопштението објавено доцна во саботата.
Во саботата, репортерот на Ројтерс видел неколку автомобили, вклучително и „ролс-ројс“, „БМВ“ и „мерцедес-бенц“, како се возат од имотот на Тејт на периферијата на главниот град Букурешт, по што биле ставени во посебно складиште.
Ендрју Тејт, поранешен натпреварувач во британското реално шоу „Големиот брат“, стана познат по своите мизогински изјави и говорот на омраза. Поради неговите изјави, тој беше забранет од сите поголеми социјални медиуми, иако неговиот Твитер профил беше реактивиран во ноември откако платформата беше купена од Илон Маск.
Тејт има американско и британско државјанство, а меѓу другото рече дека жените се делумно одговорни за силувањето и дека им припаѓаат на мажите.