Д-р Савсан Хумаида, специјалист по интерна медицина во Меѓународната болница во Абу Даби, каде што веќе се дадени трети дози, вели дека нема да им биде потребна дополнителна доза вакцина на сите, туку тоа ќе зависи од имунолошкиот одговор на секој пациент
Обединетите Арапски Емирати во вторникот објавија дека ќе понудат трета доза на вакцина за секој што примил вакцина од кинескиот производител „Синофарм“. Третата доза ќе се прима шест месеци по втората. Со ова ОАЕ се први во светот што ја воведуваат третата доза од оваа вакцина.
Информацијата е објавена откако некои жители на ОАЕ пријавија дека примиле трета доза вакцина поради загриженост од неповолната состојба со антитела. Претставник на кинеското тело за контрола на болести минатиот месец призна дека локално произведените вакцини во земјата нудат ниска заштита од вирусот покренувајќи повеќе прашања во врска со ефикасноста на вакцината.
Вакцината „Синофарм“ стана столб на кампањата за вакцинација во ОАЕ. Оваа земја има една од најбрзите кампањи за вакцинација по глава на жител во светот.
Целта е да создаде имунитет меѓу населението што е можно поскоро со надеж дека економијата брзо ќе се отвори. Дубаи многу се потпира на индустријата за туризам и авиосообраќајот, кои се погодени од пандемијата.
Светската здравствена организација ја одобри вакцината „Синофарм“ за итна употреба на почетокот на овој месец, потенцијално отворајќи пат до милиони дози да стигнат до земјите на кои очајно им е потребна вакцина. Голем број земји во светот, меѓу кои Унгарија, Пакистан, Србија и Сејшелите, веќе ја употребуваат оваа кинеска вакцина.
Локална вакцина
Оваа пролет ОАЕ станаа првите што произведоа своја локална верзија на вакцината „Синофарм“. Распространетата вакцинација, исто така, игра клучна улога во подготовката на Дубаи за домаќин на долгоочекуваниот саем во октомври оваа година, кој се очекува да привлече околу 25 милиони посетители.
„Како дел од стратегијата на државата да обезбеди максимална заштита на општеството, вратата е отворена за јавноста да добие трета доза вакцина ‘Синофарм’“,
вели Фарида ал-Хосани, портпарол за здравство во Емиратите.
Во соопштението на Владата не се соопштуваат никакви дополнителни информации, забележувајќи само дека сите вакцини се подложени на строги тестови за безбедност.
Во првото јавно објавување информации за ефикасноста на вакцината минатата година, ОАЕ соопшти дека вакцината е ефикасна 86 проценти против вирусот, врз основа на привремената анализа, без притоа да се обезбедат дополнителни податоци.
Кому ќе му треба трета доза?
Кога се појавија информации дека ОАЕ ќе понудат трета доза од вакцината „Синофарм“, Бахреин даде слична изјава. Третата доза ќе им се даде на приоритетните групи, жителите постари од 50 години и оние со хронични заболувања.
Медиумите пишуваат дека откако „Синофарм“ е одобрена за употреба во Емиратите на 9 декември, третата доза најверојатно ќе се даде во јули. Ограничен број луѓе веќе примија трета доза во Емиратите.
„Вратата е отворена за јавноста да добие дополнителна доза на ‘Синофарм’. Ќе се дава шест месеци по приемот на втората доза“,
вели д-р Ал-Хосани, пренесува thenationalnews.com.
Д-р Савсан Хумаида, специјалист по интерна медицина во Меѓународната болница во Абу Даби, каде што веќе се дадени трети дози, вели дека нема да им биде потребна дополнителна доза вакцина на сите, туку тоа ќе зависи од имунолошкиот одговор на секој пациент.
„Кога даваме втора доза на вакцина, се препорачува да се тестира крвта по три недели за да се провери нивото на антитела. Ако бројот на антитела е соодветен, тогаш нема да биде потребна трета доза, но ако е мала, ќе биде потребна дополнителна доза“,
вели таа.