Имаше уште два предлози за уставни судијки, но за нив не се гласаше. Дуковска, доколку биде потврдена и од Собранието, ќе го заземе местото на Валентина Маркудова чиј деветгодишен мандат истече во декември лани
Судскиот совет денеска ја избра и Весна Толева за генерална секретарка. Таа и досега ја извршуваше функцијата како в. д. Порталот СДК.мк објави дека Толева му е сопруга на возачот на претседателката на Судскиот совет
Судијката Елизабета Дуковска од Апелацискиот суд Скопје е предлог на Судскиот совет за нова уставна судијка.
Дуковска треба да го пополни испразнетото место од судијката Вангелина Маркудова чиј мандат истече на 7 декември 2022 година.
Предлогот Дуковска да биде предложена за уставна судијка го даде членот на судскиот совет Зоран Герасимовски. „’За’ гласаа 11 члена, а два беа „против“.
Покрај Дуковска, предложени беа и Татјана Сусулеска од битолска Апелација и судијката Антоанета Димовска од скопскиот граѓански суд. Димовска беше предложена од членот на Судскиот совет, Лорета Георгиева, а Сусулеска од Мирјана Радевска-Стефкова. Меѓутоа, за нив не се гласаше со образложение дека Дуковска, која како предлог беше прва ставена на гласање, го добила потребниот број гласови.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, како што јави МИА, пред гласањето рече дека неспорно сите три предложени судијки се со долгогодишно искуство, но за неа лично е поприфатлив предлогот на Герасимовски.
„Судијката Елизабета Дуковска сметам дека е најсоодветниот кандидат“,
изјави Дамева.
Дуковска е судијка од 2004 година, работела во двата основни суда во Скопје како стечаен судија, а од 2009 суди во скопска Апелација како граѓански судија во трговски оддел.
За да се пресели во Уставен, таа сега треба да биде изгласана и во Собранието.
Уставниот суд во моментов функционира со шест од предвидени девет судии. Судот е некомплетен уште од јуни 2021 година откако завршија деветгодишните мандати на дотогашните судии Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Тие беа избрани по предлог на партиите во Собранието, а до денес се пополнети само две од трите места што тие ги испразнија.
Со блокади од опозицијата, избор на нови уставни судии не можеше да се направи со месеци. Во октомври лани, конечно беа избрани двајца судии – Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер, кои беа предлог на владејачкото мнозинство. За третиот предлог кој го даде власта – републичкиот обвинител Љубомир Јовески, дебатата е сè уште заглавена во Собранието.
Додека пратениците во Собранието не можеа да се усогласат за овие три места, во меѓувреме во Уставен истече мандатот и на судијата Јован Јосифовски (јануари 2022 г.), па во иднина Собранието ќе треба да избере уште еден уставен судија.
Весна Толева останува генерална секретарка на Судскиот совет
Покрај утврдување на предлог за уставен судија, денеска Судскиот совет бираше и генерален секретар. За функцијата имаше две кандидатки – досегашната в. д. генерална секретарка Весна Толева и државната секретарка Јулијана Георгиевска.
Толева беше избрана да остане генерална секретарка со 12 гласа „за“ и еден „против“. Георгиевска, пак, доби шест „за“ и седум „против“.
За разлика од членовите на Судскиот совет, вработените во оваа институција, пак, ја преферирале Георгиевска за генерална секретарка. Имено, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на почетокот сподели резултати од спроведената внатрешна анкета меѓу вработените, на која Толева добила 11 гласа, а Георгиевска 14.
Сепак, дел од членовите на Судскиот совет пред гласањето реагираа дека генералниот секретар би требало да дојде како предлог од претседателката на Судскиот совет, со оглед дека таа најмногу работи со генсекот. По ова, Дамева рече дека нејзин предлог е Толева, имајќи предвид дека е задоволна од нејзината досегашна работа како в. д. генерална секретарка.
Порталот СДК.мк, пак, јави дека Толева е сопруга на Наце Толев кој е возач на претседателката Дамева.