„И во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско – енергетска криза интензивно се работеше на изградбата и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Темпото и динамиката продолжуваат и понатаму. Во источниот дел на државата резултатите од работата се особено видливи. Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион“, рече премиерот Ковачевски
Делницата Крупиште – Кочани од новиот експересен пат Штип – Кочани наскоро ќе биде готова и ставена во функција. Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми извршија увид во изградбата на делницата што е во должина од 13,75 километри.
Ковачевски истакна дека градежните работи се одвиваат со задоволителна динамика за овој период од годината и дека до овој момент завршени се 96 проценти од работите.
„Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што ќе се забрза и олесни патувањето за граѓаните од овој крај, ќе се намалат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сѐ ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот. Изградбата на современа патна инфраструктура во земјата е еден од приоритетите на оваа Влада. Како и во изминатите години. И во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско – енергетска криза интензивно се работеше на изградбата и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Темпото и динамиката продолжуваат и понатаму. Во источниот дел на државата резултатите од работата се особено видливи. Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион“,
рече Ковачевски.
За министерот Бочварски изградбата на експресниот пат до Кочани значи подигнување на животниот стандард на над 170 илјади жители од Источниот регион.
„Изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени заради забрзан економски развој на целата држава, во услови кога светот е во огромна економска криза. Но и во такви услови успеавме силно да ги движиме капиталните проекти и да обезбедиме континуитет”,
рече Бочварски.
Според директорот на Јавно претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми експресниот пат е со висок квалитет на градба.
„Ширина на патот е 11,4 метри, ќе има четири ленти и тоа по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,2 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час. Изведувач на градежните работи е „Синохидро“ од Република Кина, а надзор е „Патинвест инженеринг“ АД Софија, Република Бугарија. Во моментот се поставува сигнализација, осветлување на клучките, еластична одбојна ограда и се асфалтираат последните 700 метри“,
рече Рустеми.