Во 1957 година првиот сателит направен од човекот влезе во орбитата околу Земјата. Тој беше наречен „Спутник“ и беше лансиран од Советскиот Сојуз. Шеесет и три години подоцна Русија лансираше уште еден Спутник: „спутник В“, првата вакцина регистрирана против коронавирусот. Која е приказната за контроверзната руска вакцина против ковид?
Прво беше дочекана со скептицизам, за со текот на времето експертското мислење за руската вакцина против коронавирус „спутник В“ постојано да се менува, до ниво што на крајот на февруари реномираното медицинско списание „Лансет“ објави статија во која ја потврдува нејзината ефикасност.
Резултатите во анализата се базираат на истражување во кое учествувале 20 000 луѓе во третата фаза, при што се истакнува дека вакцинацијата со две дози нуди повеќе од 90 отсто ефикасност против симптоматскиот ковид-19.
Ова, според многумина, може да се смета за научна победа на Русија во однос на скептиците.
Што е „спутник В“?
„Спутник В“ е вирусна векторска вакцина, што значи дека користи модифицирана верзија на различен вирус како алатка за транспорт на генетски материјал во клетката. Вакцината „спутник В“ е развиена со употреба на аденовируси, кои вообичаено предизвикуваат респираторни инфекции, но и други вируси (вклучително и вирусот на грип или сипаници) се користени и во други терапии со вирусни вектори.

Вирусот, кој се користи како вектор, се менува така што не претставува закана за предизвикување болест. Исто така, е вметнат и дополнителен ген кој е карактеристичен за вирусот кој е цел. За вакцините против ковид-19, овој ген содржи упатства како да се направи протеин, кој се наоѓа на површината на коронавирусот.
Откако некое лице ќе ја прими вакцината, векторот влегува во клетката и се користи за производство на протеини. Штом имунолошкиот систем ги препознае овие протеини, тој започнува да произведува антитела и ги активира другите имунолошки процеси во телото. Ако системот во иднина дојде во контакт со вистински вирус, тој веќе знае како да се бори против него.
Потребни се две дози на растојание од 3 недели. Се чува на температура од -20 Целзиусови степени.
Научна победа
Уште од првите недели на пандемијата, рускиот претседател им нареди на научните, политичките и воените институции во земјата да работат континуирано за развој на првата вакцина во светот против ковид.
Минатата пролет Александар Гинтсбург, директор на државниот истражувачки центар „Гамалеја“, кој го разви „спутник В“, се пофали дека лично се вакцинирал со експериментална верзија.

Неколку месеци подоцна, во средината на август, Путин објави дека е одобрена првата вакцина против коронавирус во светот.
Бидејќи вакцината во тој момент беше тестирана само неколку десетици волонтери, објавата во светот беше дочекана со скептицизам.
Вакцината, сепак, наскоро стана достапна прво за руската елита, вклучително и една од ќерките на Путин, дури и пред почетокот на клиничките испитувања во третата фаза, во која беа вклучени десетици илјади волонтери.
Русија ја направи вакцината достапна за пошироката јавност во декември, кога Европа и Соединетите Држави ги распоредија првите дози од вакцините направени од нивните фармацевтски компании.
Глобални амбиции
За Кремљ, домашната вакцина беше потврда за руската позиција во светската медицина, па Путин ја нарече „спутник В“ и „најдобрата вакцина во светот“.
Изборот на името на вакцината е симболичен – во чест на првиот сателит на светот, лансиран од Советскиот Сојуз во 1957 година. „Спутник В“ потсетува на научниот подвиг за Русија и историски пад на најголемиот ривал Соединетите Држави.

Успехот на вакцината ги враќа руските истражувачки способности на највисоките светски ешалони, откако овој сектор беше десеткуван поради кризи и корупција по распадот на СССР во 1991 година.
Вакцината „спутник В“ е одобрена во повеќе од 15 земји, вклучително и поранешни советски држави како Белорусија и Ерменија, сојузници како Венецуела и Иран, но и Аргентина, Алжир, Тунис и Пакистан.
„Спутник В“ во Европа
Во јануари годинава Рускиот фонд за директни инвестиции, кој помогна во финансирањето на „спутник В“, објави дека поднел барање за регистрација на вакцината во Европската Унија.
Сепак, руската вакцина е третирана со сомнеж поради недостиг на јавно достапни научни податоци.
Но, Унгарија, а потоа и Словачка ја заобиколија Европската агенција за лекови (ЕМА) и самостојно ја регистрираа вакцината, но и други земји почнаа да ја нарачуваат.
Во меѓувреме, ЕМА почна експертиза за руската вакцина, што значи податоците што доаѓаат од рускиот производител ќе бидат прегледани според европските стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност. Ако сè помине, вакцината ќе биде одобрена.
Портпаролот на Европска комисија Ерик Мамер денеска изјави дека тоа што руската вакцина против ковид-19, „спутник В“, би можела да добие одобрување од Европската агенција за лекови не значи дека треба да биде вклучена на листата на вакцини опфатени со ЕУ-стратегијата за вакцинација.
Капацитет за производство
Русија вели дека добила претходна нарачка на повеќе од милијарда дози на „спутник В“, но не е во можност да го исполни тоа ниво на побарувачка.
Количините на дози што беа испорачани во странство на почетокот главно беа симболични, и се бројат по неколку десетици илјади.
Но досега нема официјални податоци колку дози се произведени или дистрибуирани, иако властите во средината на јануари соопштија дека 1,5 милион луѓе биле вакцинирани со „спутник В“ низ целиот свет.
Но, Москва, за разлика од другите, има поинаков план како да ја направи вакцината достапна, па наместо да ја извезува на големо, се надева дека ќе развие производствени партнерства со локалните фабрики каде што би се произведувала.
Во моментов, тоа се Бразил, Индија, Казахстан и Јужна Кореја.
Не е само „спутник В“
Уште најмалку три руски вакцини против коронавирус се очекува да бидат објавени во следните недели.
По „спутник В“ веќе е објавено дека се произведува и „спутник лајт“, односно помалку ефикасна верзија со една доза, како и вакцина во спреј.
Во февруари е објавено дека е започнато производство и на вакцината „епивак корона“, развиена од сибирската лабораторија „Вектор“.
Руската влада во меѓувреме одобри и третата вакцина „ковивак“.
Последната најава е дека може да има дури и четврта, како соработка на на англо-шведската фирма „Астра Зенека“ и развивачите на „спутник В“, која би била комбинација на нивните вакцини.