Судот го прифатил и предлогот за определување на мерки за претпазливост на второосомничениот во случајот, кому освен што му е одземен пасошот, наложено му е да не смее да го напушта живеалиштето, да се јавува во судот, како и забрана за комуникација со други лица поврзани со кривичното дело
Скопскиот Основен кривичен суд го прифатил предлогот на Обвинителството и му одредил 30 дена притвор на поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Пеце Мирчески.

Притворот на Мирчески му е определен по две основи од членот 165 од Законот за кривична постапка (ЗКП) – опасност од бегство и можност да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за определување мерки за обезбедување против едно лица поврзано со истрагата за Службата за општи и заеднички работи при Влада на РСМ, по произнесување на осомничениот во присуство на негов бранител и Јавниот обвинител, донесе решение со кое се прифаќа предлогот на Јавниот обвинител и на осомничениот П. М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 став 1 точка 1 и 2,“,
се наведува во соопштението на Кривичниот суд.
Судот го прифатил и предлогот за определување на мерки за претпазливост на второосомничениот во случајот, кому освен што му е одземен пасошот, наложено му е да не смее да го напушта живеалиштето, да се јавува во судот, како и забрана за комуникација со други лица поврзани со кривичното дело.
Странките во случајот, како што појаснуваат од судот, против овие решенија имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.
Ексдиректорот на СОЗР, Пеце Мирчески, и сопственикот на рент-а-кар сервисот „ВИП“ беа уапсени вчера во акција на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција.
Во врска со случајот, вчера претпладне тимови на Обвинителството и на Финансиската полиција извршија претреси на неколку локации во Скопје за обезбедување докази, меѓу кои и во домот на првоосомничениот Мирчески.
Тој и второосомничениот денеска беа изведени пред судија на претходна постапка, откако претходно Обвинителството соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка.
Според ОЈО Скопје, Мирчески е осомничен за кривичните дела примање поткуп и проневера во службата, додека второосомничениот се гони за давање поткуп.
Ексдиректорот на СОЗР, како што соопштија од Обвинителството, не се изземал во постапките за вкупно пет јавни набавки на кои била избрана фирмата сопственост второосомничениот, иако во текот на целиот тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга. Така, тој за лични потреби без надомест користел возило „фолксваген пасат”, сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи.
„Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на СОЗР, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило ‘фолксваген пасат’, како и уште едно возило марка ‘ауди кју 8’, за што му е поведена скратена постапка и согласно ставот 3 на кривичното дело – примање поткуп. Второосомничениот, во својство на сопственик и управител на правното лице, во повеќе наврати во период од три години, на службеното лице му давал друга корист за него и за друг за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши, односно да не се изземе од постапките и да ги потпише договорите за јавни набавки“,
велат од Обвинителството.
За проневера во службата тој е осомничен бидејќи од 1 јануари 2022 до 13 јуни 2024 година во повеќе наврати давал лажни податоци за наводни службени патувања и потпишувал барања за резервации на хотели, авиобилети, изнајмување рент-а-кар возила, како и решенија и налози за службен пат во странство. Со тоа, Мирчески, според Финансиската полиција, го оштетил буџетот на Службата за општи и заеднички работи за околу 1,8 милиони денари (околу 30 000).
Против Мирчески е поведена скратена постапка за кривичното дело несовесно работење во службата, бидејќи иако знаел дека лице кое било вработено како пилот не ги исполнувало условите за капетан водач на воздухоплов, сепак овозможил да му биде исплаќана плата.
На овој начин, според Обвинителството, осомничениот ексдиректор на СОЗР нанел штета на буџетот од 3 444 615 денари, односно околу 56 000 евра.
Пеце Мирчески функцијата директор на Службата за општи и заеднички работи ја извршуваше од јуни 2017 до јуни 2024 година.