Според нашите информации, едниот се наоѓа во соседна држава, а другиот е во земја членка на Европската Унија
Дополнително, нашите сознанија велат дека при претресите извршени од истражните тимови во домовите на осомничените биле најдени поголеми суми пари во готовина, односно кеш
Полициската акција, која се спроведува од изутрината и во рамките на која се вршат претреси, ја координираат двајца обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК). Ова е засега единствената официјална информација од надлежните органи, кои за што точно станува збор најавија повеќе детали за во текот на денот, кога ќе завршат претресите.

Во меѓувреме, додека се очекуваат официјалните соопштенија на Министерството за внатрешни работи и ОЈО ГОКК, повеќе медиуми објавија дека акцијата е насочена кон поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ и на енергетски капацитети кои се под нејзина капа.
Меѓу лицата што се осомничени, како што засега неофицијално се дознава, се ексдиректорот на ЕСМ и член на Управниот на компанијата, Васко Ковачевски, како и неговиот наследник на функцијата, Васко Стефанов.
Осомничени, според неофицијалните информации, се и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, како и комерцијалниот директор на „Електрани на Северна Македонија“, Ардијан Муча.
Овие пет лица се само дел од повеќетемина осомничени во акцијата на МВР и ОЈО ГОКК, чиј број, според информациите, е многу поголем и наводно опфаќа близу 30 лица.
Делата за кои се осомничени се однесуваат на злоупотреба при јавни набавки на адитиви, во кои, како што објави ТВ Телма, била предизвикана штета од 6,5 милиони евра. Дел од осомничените се товарат и за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Покрај физичките лица, во акцијата, неофицијално, се опфатени и четири правни лица лоцирани во Неготино, Велес, Битола, Кичево и Скопје.
Засега најголемото внимание во медиумите е насочено кон ексдиректорите на ЕСМ, Васко Ковачевски и Васко Стефанов, за кои дел од медиумите објавија дека се меѓу приведените во акцијата.
Сепак, како што дознава „360 степени“, двајцата се осомничени, но не се уапсени, бидејќи се надвор од државата.
Според нашите информации, едниот се наоѓа во соседна држава, а другиот е во земја членка на Европската Унија.
Дополнително, нашите сознанија велат дека при претресите извршени од истражните тимови во домовите на осомничените биле најдени поголеми суми пари во готовина, односно кеш.
Инаку, на денешната акција и претходеа многубројни критики од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и актуелната влада предводена од оваа партија за лошо менаџирање на државната компанија и обвинувања за сторен криминал при јавните набавки од претходното раководство за време на владеењето на СДСМ и ДУИ.

Како своевидна увертира, условно кажано, на денешната акција беше и минатонеделното еднострано раскинување од страна на РЕК „Битола“ на договорот со „Марковски компани“ за ископ на јаглен и јаловина.
Поточно, актуелниот директор на РЕК „Битола“ во четвртокот (5 декември) соопшти дека ја раскинал рамковната спогодба за ископ на јаглен и јаловина која во февруари годинава ја потпиша претходното раководство на „Електрани на Северна Македонија“ со фирмата „Марковски компани – Борче“ ДООЕЛ. Договорот беше со важност од 18 месеци, односно до август 2025 година. „Марковски компани“ имаше и подизведувачи, меѓу нив и две фирми од Струмица, кои политиката и медиумите низ годините често ги поврзуваа со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Оваа фирма често беше цел на критики од страна на ВМРО-ДПМНЕ и додека партијата беше во опозиција, а обвинувањата оттаму беа дека тендерите склучени со оваа фирма се наместени во корист на тогашните раководни кадри поставени од СДСМ.