„Во Северна Македонија, блoковите 1 и 2 (на ТЕЦ „Битола“) имале најголеми емисии на SO2 и прашина во регионот – и двете речиси двојно се зголемија во споредба со 2021 година. Загадувањето од термоелектраната со сулфур диоксид достигна 111 408 тони – 17 пати повеќе од дозволеното, со што само овој капацитет ја прекршил вкупната регионална граница за SO2“, се вели во резимето на извештајот на „CEE Bankwatch Network“, објавен денеска
Термоелектиричната централа „Битола“ (ТЕЦ „Битола“) во 2022 година била најголемиот загадувач со сулфур диоксид (SO2) и четистички прашина во целиот Западен Балкан. Емисиите на штетни гасови од оџаците на термоелектраната минатата година се речиси двојно зголемени во споредба со 20201 година, иако поради пожарот на трансформаторот во третиот блок тој беше надвор од употреба цела година и електраната работеше со намален капацитет, велат од невладината „Екосвест“, пренесува МИА.

Оттаму посочуваат дека според новиот извештај на CEE Bankwatch Network, „Усогласи или затвори – 2023“, битолската термоелектрана е индустриски капацитет кој убедливо најмногу загадува во земјите од регионот на Западен Балкан.
„Во Северна Македонија, блoковите 1 и 2 (на ТЕЦ ’Битола’) имале најголеми емисии на SO2 и прашина во регионот – и двете речиси двојно се зголемија во споредба со 2021 година. Загадувањето од термоелектраната со сулфур диоксид достигна 111 408 тони – 17 пати повеќе од дозволеното со што само овој капацитет ја прекршил вкупната регионална граница за SO2“,
се вели во резимето на извештајот на „CEE Bankwatch Network“.
Причините за драстичното зголемување на емисиите на сулфур диоксид не се јасни, се вели во извештајот, но употребата на поинаков вид јаглен можеби е една причините за ваквата состојба.
Давор Пехчевски од „CEE Bankwatch Network“ вели дека целиот регион е загрозен од неконтролирано загадување од електраните што работат на јаглен и оти секоја година се нотира како големите електрани во Србија и Босна и Херцеговина рушат рекорди.
„Но, ваков огромен скок во емисиите како што има ТЕЦ ’Битола’ во 2022 година не сме забележале досега. Последиците од ваквото загадување ќе бидат големи и за Битолскиот Регион, но и за целата земја и пошироко“,
ја пренесува МИА изјавата на Пехчевски.
Посочувајќи ги наодите за емисиите на сулфур диоксид од првиот и вториот блок на ТЕЦ „Битола“, наведени во извештајот, кои се повеќе од вкупните емисии што се дозволени за сите термоелектрани на јаглен во Западен Балкан, Пехчевски вели дека емисиите на прашина се исто така алармантно зголемени.
Емисиите на прашина, исто така, алармантно се зголемени и достигнале 3 899 тони, повеќе од три и пол пати од дозволеното за првиот и вториот блок на електраната. Ова е и најголемото количество прашина емитувано од еден оџак на целиот Западен Балкан, вели тој.
Во извештајот на „CEE Bankwatch Network“ се наведува дека пет години откако правилата за контрола на загадувањето стапија на сила според Договорот за енергетска заедница, емисиите на SO2 од постројките за јаглен вклучени во националните планови за намалување на емисиите на Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија и Србија колективно се сè уште 5,6 пати повисоки од дозволеното.

Елена Николовска од невладината „Екосвест“ вели дека македонската Влада усвои амбициозни климатски и енергетски цели со кои се предвидува затворање на капацитетите на јаглен до 2027 година.
„Потребно е да се одржат роковите за исполнување на овие цели за да се испрати јасна порака до енергетскиот сектор, индустријата и граѓаните дека земјата доследно се придржува кон напуштање на фосилните горива, праведна транзиција кон обновливи извори и чисти технологии и грижа за здравјето на граѓаните“,
посочува Николовска.
И таа нагласува дека по пет години откако правилата за контрола на загадувањето влегоа во сила преку Спогодбата за Енергетската заедница, македонските електрани спротивно на обврските ги зголемуваат наместо да ги намалуваат емисиите. Секретаријатот на Енергетската заедница веќе има отворено случај против земјава поради непочитување на одредбите за намалување на емисиите.
„Со енергетската криза што донесе активирање на ТЕЦ ’Неготино’ и нетранспарентни набавки на јаглен со сомнителен квалитет, земјата се движи во обратна насока и само продолжува сериозно да ја загадува животната средина и да го загрозува здравјето на граѓаните“,
велат од „Екосвест“.
