„Е ова е решението на тој проблем и ние веќе го решивме со ретките болести, ќе го решиме со сите други болести. Нема да има веќе отворање постапки за една година, ќе има за три години. Тоа е подобро за нас како држава и како Министерство за предвидливост, но исто така и за индустријата е подобро. Тие ќе можат да проектираат со количини бидејќи и тие сега имаат проблеми“, вели министерот за здравство Азир Алиу

Веројатно вечна тема во здравството, а и проблем што најмногу ги засега граѓаните, е недостигот на лекови дури и за најтешко болните. За ова разговаравме со министерот за здравство Азир Алиу во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето зошто досега не е решен овој проблем, Алиу одговорот го започна со кратко тврдење – бидејќи прашањето е системско.
„Знаете дека ние почнавме за првпат во Македонија, за ретките болести ние донесовме одлука како влада таа постапка административна да биде тригодишна, а не едногодишна, заради бројот на непредвидливи индикатори што се случуваат во здравствениот систем. Знаете дека еве за ретки болести на пример, вие никогаш не може да предвидувате колку ви требаат лекови. Бидејќи ретката болест се дефинира според протоколите во рана возраст. Таа се дава после, во зависност од пациентот, колку е пациентот тежок, растот итн., и тешко доаѓате до предвидливост на количините што ви требаат“,
рече министерот Алиу.

Според него, слична е состојбата и на Онкологија.
„Знаете дека бројот на онколошки пациенти расте. Исто така, тешко се доаѓа до предвидливост на количините. Ова е единствениот начин, да може системот да го отворите за три години. Ако црпите повеќе од тоа што мислите дека треба и го имате проектирано за таа година, вие ќе црпите од наредната година, но граѓанинот и пациентот ќе има лекови, нема да чека. Е ова е решението на тој проблем и ние веќе го решивме со ретките болести, ќе го решиме со сите други болести. Нема да има веќе отворање на постапки за една година, ќе има за три години. Тоа е подобро за нас како држава и како Министерство за предвидливост, но исто така за индустријата е подобро. Тие ќе можат да проектираат со количини, бидејќи и тие имаат проблеми. Како мала држава реално и тие имаат проблеми“,
рече тој.
Инаку, нацрт-законот за лекови беше објавен на системот ЕНЕР на почетокот на март годинава.
Азир Алиу: Имавме пред една недела претпоследен состанок со сите стекхолдери. Лично јас бев присутен на тој состанок. Мислам дека и денеска имаат уште една средба и се номотехнички прашања на тој закон. Веќе знаете дека е на ЕНЕР, се консултираат сите стекхолдери. Ценам дека за брзо ќе завршат тие процедури.
360°: Тоа што ќе се случуваат тригодишни договори нели е поголем ризик од корупција?
Азир Алиу: А, не. Ризикот од корупција не се поврзува со времетраењето на повиците, туку со колку се добро дефинирани индикаторите што ги имаме и во самиот протокол и во самата процедура и при самата евалуација. Знаете дека сите овие три процеси мора добро да се дефинираат, со строги правила, уште еднаш велам со систем којшто ќе ги следи, и тука исто така правиме систем за да може целата постапка да се дигитализира и да може и ние како министерство да имаме увид во детали во секоја процедура. Сега, за жал, ни се случува постфестум да ги добиеме информациите и после цело време мора да се справуваш со последиците, а не да ги спречиш во самата процедура.
