Доколку тој договор не е раскинат во 2018 година, додаде дека нуклеарното оружје веќе ќе било употребено против Израел и пошироко во регионот на Блискиот Исток
Ги отфрли обвинувањата дека е под притисок да постигне брз договор, нагласувајќи дека преговорите се одвиваат совршено и дека резултатите ќе бидат наскоро видливи
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека новиот договор што Соединетите Американски Држави (САД) го подготвуваат со Иран ќе биде далеку подобар од Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) од 2015 година, оценувајќи го претходниот договор како штетен за безбедноста на земјата.

Според него, поранешниот нуклеарен договор, постигнат за време на администрацијата на Барак Обама, е еден од најлошите во историјата, посочувајќи дека токму тој претставувал пат за Иран до развој на нуклеарно оружје.
„Договорот што ќе го склучиме со Иран ќе биде далеку подобар од вообичаено нарекуваниот Ирански нуклеарен договор, напишан од Барак Хусеин Обама и поспаниот Џо Бајден, еден од најлошите договори некогаш склучени во врска со безбедноста на нашата земја. Тоа беше загарантиран пат до нуклеарно оружје, што нема и не може да се случи со договорот на кој работиме“
напиша тој на социјалната мрежа Трут соушл.
Доколку тој договор не е раскинат во 2018 година, додаде дека нуклеарното оружје веќе ќе било употребено против Израел и пошироко во регионот на Блискиот Исток.
„Договорот што го склучуваме со Иран ќе гарантира мир, безбедност и стабилност, не само за Израел и Блискиот Исток, туку и за Европа и Америка“,
вели Трамп.
Ги отфрли обвинувањата дека е под притисок да постигне брз договор, нагласувајќи дека преговорите се одвиваат совршено и дека резултатите ќе бидат наскоро видливи.
Воедно, Трамп ги обвини демократите и дел од медиумите за, како што рече, ширење дезинформации за текот на преговорите, истакнувајќи дека нема да дозволи САД да прифатат договор што не ги штити нивните интереси.
Иако претходно ја најави можноста за кршење на примирјето со Иран доколку не се постигне договор, сепак тој во интервју за Блумберг, рече дека времето не е пресуден фактор, туку квалитетот на договорот, потенцирајќи дека целта е да се исправат грешките од претходните администрации.
„Ова се извршува совршено, на ниво на операцијата во Венецуела, само на поголемо и посложено ниво. Резултатот ќе биде ист“,
кажа тој.
Инаку, договорот со Иран од времето на Обама беше постигнат во 2015 година и имаше за цел да ја ограничи нуклеарната програма во замена за олеснување на санкциите. Тој вклучуваше намалување на центрифугите и залихите на ураниум, со меѓународни инспекции.
Трамп го раскина договорот и повторно воведе санкции во 2018 година.
Претходно, Трамп ги отфрли тврдењата на Иран дека нема да учествува во новата рунда мировни преговори во Пакистан и нагласи дека разговорите ќе се одржат и постои подготвеност за дипломатски напредок.
Посочи дека делегацијата предводена од потпретседателот Џеј-Ди Венс, заедно со специјалниот претставник Стив Виткоф и советникот Џаред Кушнер, веќе е на пат кон Исламабад, каде што треба да се одржат разговорите со иранските претставници.
