Според договорот, 10 израелски заложници и 30 палестинци затвореници треба да бидат ослободени, но и треба да се овозможи континуиран проток на хуманитарна помош на север и југ од Појасот Газа во истите количини кои важеле и за претходните шест дена од примирјето
Израел и Хамас соопштија дека се договориле да го продолжат привременото примирје за уште еден ден, пренесува Си-ен-ен.

Со тоа, привременото примирје дојде до седмиот ден, а според египетската Државна информативна служба, египетските и катарските преговарачи работат на продолжување на примирјето во Газа за уште два дена, со цел да се олесни ослободувањето дополнителни заложници и затвореници, но и да се овозможи поголема помош во Појасот Газа.
Според договорот, 10 израелски заложници и 30 палестинци затвореници треба да бидат ослободени, но и треба да се овозможи континуиран проток на хуманитарна помош на север и југ од Појасот Газа во истите количини кои важеле и за претходните шест дена од примирјето.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на регионот, рече дека се фокусирани да обезбедат ослободување на заложниците.
„Значи, процесот на примирје дава резултати, важен е и се надеваме дека ќе продолжи“,
рече Блинкен.
Тој ја потврди посветеноста на САД за поддршка на правото на Израел да се брани.
Блинкен денес во Тел Авив се сретна со израелскиот претседател Исак Херцог.
На почетокот на состанокот Блинкен му рече на Херцог дека САД веруваат оти примирјето дава резултати и треба да продолжи.
„Го видовме многу позитивниот развој на заложниците кои се враќаат дома, се обединуваат со своите семејства и тоа треба да продолжи денес. Тоа, исто така, овозможи значително зголемување на хуманитарната помош за невините цивили во Газа на кои очајно им е потребна“,
посочил тој.
Во својата изјава, Херцог истакна дека нападот, наводно, извршен од двајца палестински вооружени лица во четвртокот наутро во Ерусалим, во кој загинаа најмалку три лица и беа повредени неколку други, беше пример за „бескрајната војна“ што Израел ја „војува против терористичките организации, особено Хамас, во овие многу комплицирани и предизвикувачки времиња“.
Милитантите на Хамас ослободија 16 заложници во средата, шестиот ден од примирјето меѓу завојуваните страни, додека преговарачите работеа на продолжување на паузата во борбите и ослободување на уште повеќе заложници во замена за Палестинците држени во израелските затвори.