Во куќен притвор оди и поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска
Мерката ефективен притвор за поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, е заменета со куќен притвор, а во куќен притвор оди и поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска. Ваква одлука донел Основниот суд во Кочани постапувајќи по жалбите на 17 осомничени за трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
На другите 14 лица им се одбиени жалбите и за нив е потврдена мерката притвор.
Од Обвинителството нагласуваат дека е поднесена жалба пред Апелицискиот суд во Штип на одлуката за двајцата поранешни градоначалници за кои се бара да остане мерката ефективен притвор.
„Постапувајќи по поднесени жалби од вкупно 17 осомничени, Основниот суд Кочани ги одби жалбите на 14 лица и ја потврди мерката притвор. За три лица мерката ефективен ја замени со куќен притвор. За двајца од нив, поранешни градоначалници на Кочани, ОЈО Кочани вложи жалба пред Апелацискиот суд Штип и побара да опстои мерката ефективен притвор“,
информираат од Обвинителството.
Во притвор останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој по трагедијата поднесе оставка од функцијата.
Во пожарот што се случи во „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 59 лица, а околу 200 повредени се лекуваат во болниците во земјава и во странство.
Досега се осомничени 34 лица, од кои 27 во една постапка, а седум полициски службеници во одвоена. Од Обвинителството инсистираат дека истрагата е во рана фаза и дека проверките продолжуваат.