Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во синоќешното интервју за МТВ најави дека неговата партија нема да објавува „бомби“ во предизборието, но дека поседува докази против власта. Тие докази ќе бидат доставени до МВР, односно „до органите на прогонот каде што ќе има доверба, па тие натаму нека си процесуираат“.
Еден од тие органи во кои се очекува Мицкоски да има доверба е министерот за внатрешни работи, кој во техничката влада доаѓа по предлог на опозицијата. За неговото име ќе се разговара уште денес.
Во интервјуто, Мицкоски го нападна и обвинителството за постапувањето во случајот „Рекет“ – дека не е направено доволно за да се открие каде завршиле парите.
„Бојан Јовановски вели ,погледнете ги снимките од надзорот во мојата куќа и ќе ви стане јасно каде завршила ташната’. Дали од тој ден до денес сте слушнале некој да се позанимава со таа тема? И ние зборуваме дека се бореле тие против режим. Каков режим? Па поголем режим од ова нема. Имате пример на спрега помеѓу власт, обвинителство, судство – молк. Никој денеска не го поставува прашањето дали Рускоска ги прегледала снимките и дали навистина таму е одговорот каде завршила ташната ,Луј Витон’. Зошто никој тоа не го прегледал? Има индиции, во јавноста излегоа написи дека некој од владата го предупредил Бојан Јовановски дека бизнисменот Јордан Камчев пријавил за случајот. Кој е тој од владата, го прашал ли некој Јовановски кој го предупредил“,
изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за МТВ.