Коментарот на претседателот на САД уследи откако претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека иранската фудбалска репрезенација ќе биде дел од првенството
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека за него е во ред што Иран ќе учествува на претстојното Светско првенство во фудбал што ќе се одржи во САД, Мексико и Канада во јуни и јули годинава. Неговиот коментар уследи откако претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека Иран ќе биде дел од првенството.

„Ако Џани го кажал тоа, тогаш јас сум во ред со тоа. Знаете што? Нека учествуваат“,
изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Претходно вечра, Инфантино го започна своето обраќање пред делегатите на 76. конгрес на ФИФА со најавата дека иранската фудбалска репрезенација ќе учествува на натпреварите на Светското првенство во САД.
„Да бидам јасен од самиот почеток. Секако дека Иран ќе учествува на Светското првенство на ФИФА 2026 година. И секако дека ќе играат во САД. Причината за тоа е многу едноставна – мора да се обединиме. Тоа е моја одговорност, тоа е наша одговорност“,
изјави претседателот на ФИФА.
Претставници на Фудбалската федерација на Иран, вклучително и нејзиниот претседател Мехди Таџ, требаше да присуствуваат на конгресот на ФИФА, кој се одржа вчера во Канада, но беа вратени од аеродромот во Торонто, што официјален Техеран го оцени како неприфатливо однесување од страна на канадските имиграциски власти.
Канада, која ја прогласи Исламската револуционерна гарда за терористичка организација во 2024 година, соопшти дека лицата поврзани со неа се непожелни на нејзина територија.
Иран се квалификува за Светското првенство, закажано од 11 јуни до 19 јули, но неговото учество беше доведено во прашање поради тековниот конфликт кој го води со САД и Израел.
