Во парламентот сè уште се преведуваат илјадниците амандмани на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за предлозите за измена на Изборниот законик, кои се први точки на денешното продолжение на 123. собраниска седница
Службите во парламентот, и по по повеќе од еден месец, не успеале да преведат ни половина од илјадниците амандмани што главно ДУИ, но и ВМРО-ДПМНЕ ги поднесоа на предлозите за една изборна единица на парламентарни избори и за отворени листи за советници на локални избори. Двата предлога за измена на Изборниот законик, поднесени од помалите политички субјекти во Собранието, а поддржани од СДСМ, се следни точки за разгледување на продолжението на денешната собраниска седница. Меѓутоа, извесно е дека расправата за нив ќе биде прескокната, затоа што поднесените амандмани сè уште не се разгледани во матичната Комисија за политички систем.
Претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски вели дека во ова тело може да почне расправата за амандманите што се преведени досега, ама посочува дека тоа, најверојатно, не води никаде.
„Евидентна е намерата на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да го блокираат донесувањето на измените со кои би се овозможило промена на изборните модели за пратеници и за советници. И да ја почнеме расправата, прашање е дали ќе успееме да разгледаме повеќе од пет амандмани, затоа што можеме повторно да се соочиме со ситуација како за законот за поништување на лустрацијата. Поточно, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ може и во овој случај да не присуствуваат на седницата и со тоа да оневозможат кворум за работа“,
вели Кирацовски за 360 Степени.
Според тоа, извесно е дека и претстојните парламентарни избори ќе се спроведат според досегашниот модел со шест изборни региони, кој беше воведен во 2002 година. Како главна слабост на овој модел се посочува тоа што ги дисквалификува помалите политички партии, кои поради тоа се принудени на коалицирање со големите политички субјекти. Што се однесува до отворените листи за избор на советници, останува простор овој модел да се имплементира понатаму, со оглед на тоа што до следните локални избори има повеќе од една и пол година.
Во меѓувреме, се очекува во парламентот да стигнат нови измени на Изборниот законик, но предложени од Владата, и во насока на спроведување на забелешките и препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Со оглед на тоа што до распуштањето на овој парламентарен состав, на 12 февруари, има едвај петнаесетина работни дена, и овој пат Изборниот законик ќе се менува пред самиот старт на изборната кампања.