Според информациите со кои јавноста располага во моментот, вели Маја Атанасова – правничка од Македонското здружение на млади правници, нема потреба за утврдување нови горни граници, бидејќи во Законот за работни односи веќе има предвидено горна граница која изнесува 8 часа прекувремена работа неделно и 190 часа годишно
Единственото добро што може да се извлече од изјавата на министерката за труд Јована Тренчевска дека се разговара со пратениците предлагачи на измените на Законот за работни односи за одредување горна граница за прекувремените часови работа, е враќањето на предлог-измените на доработка, вели Маја Атанасова – правничка со експертиза во областа на работни односи, која е дел од Македонското здружение на млади правници. Она што ја плаши, вели таа за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, е дека во процесот на доработка ќе се утврдува нова горна граница.
„Најавата дојде без да се каже колку над тоа и без да се каже за која цел конкретно или за која конкретна активност што претставува проблем во целава ситуација. Нам Законот за работни односи ни се базира на постоечки меѓународни документи, конвенции и утврдени меѓународни стандарди кои го регулираат работното време. Кај нас Уставот ги гарантира работничките права, а од друга страна, Законот за работни односи, кој е основниот закон, има утвредно и проценето дека е доволно и соодветно работно време од 40 часа неделно“,
вели Атанасова.
Според информациите со кои јавноста располага во моментот, вели Атанасова, нема потреба за утврдување на нови горни граници, бидејќи во Законот веќе има предвидено горна граница која изнесува 8 часа прекувремена работа неделно и 190 часа годишно.
Министерката Тренчевска, во гостување во средата во „Топ тема“ на ТВ Телма, најави дека ќе се прават измени на веќе предложените измени на Законот за работни односи, кои се во собраниска процедура по скратена постапка, а се однесуваат на прекувремената работа на оние што ќе бидат ангажирани на изведбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
„Предлогот што е даден во Собранието не ја утврдува горната граница. Затоа разговараме со предлагачите на законот во Собранието, со пратениците, за да се утврди горната граница. Да се знае колку најмногу може. Разговаравме и ќе видиме и уште ќе разговараме. Секако, ќе се донесе закон кој ќе ги штити правата на работниците“,
рече Тренчевска.
Иако еден од аргументите на Владата и на пратениците кои се предлагачи на измените е дека ништо од ова нема да се случува без писмена согласност од работникот, Атанасова вели дека иако на хартија тоа звучи како заштита на работникот, во пракса се знае дека работникот нема да се чувствува сигурно да не ја потпише изјавата со која би дал согласност за прекувремена работа.
„Овој аргумент не држи вода, но јас би се вратила назад зошто мислам дека во моментот 190 часа се доволни додека не се докаже спротивното. Во моментот ние немаме образложение зошто другите механизми што ги нуди Законот за работни односи не се доволно добри за да ги заштитат работниците од дополнителна прекувремена работа. Ние имаме механизам кој е наречен работа во смени, прераспределба на работно време, можност за дополнително вработување на луѓе доколку има потреба“,
рече Атанасова.
Според неа, потребно е објаснување со кое ќе се види дали зголемувањето на границата на прекувремени часови е оправдано, а во моментот, објаснување нема. Во однос на аргументот дека на овој начин проектот ќе биде поевтин, таа смета дека доколку се земе во предвид ризикот за градежниците и статистиките според кои оваа група на работници се многу поподложни на повреди на работното место, оваа поевтина варијанта за ангажман на работници нема да биде евтина за заштита на работниците и нивните права.