Премиерот на Албанија не изостави да напомене дека нема да прифати доселување Палестинци во неговата држава дури и Трамп формално да го побара тоа

Премиерот на Албанија, Еди Рама, говорејќи на панелот „Проширување на ЕУ“ на Минхенската безбедносна конференција, нагласи дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД е најдарежливиот божји чин кон ЕУ.
Според него, тоа е шансата за Европа да се разбуди и да не биде „толку самореферентна“.
„Изборот на Трамп е најдарежлив божји чин кон ЕУ за да ѝ се даде шанса на Европа да се разбуди и Европа мора прво да престане да биде толку самореферентна. Се согласувам со Марта дека вредностите и принципите што ги обединуваат земјите членки треба да останат такви, но не треба да бидат услови за да се има пријатели на овој свет. Мора да научиме да бидеме пријатели со другите, иако тие имаат различни вредности, различни мислења за тоа како треба да се живее животот“,
рече Рама.
Меѓу другото, за сè позачестените информации дека во Албанија ќе се населуваат Палестинци, Рама рече дека американската влада сè уште нема поднесено никакво барање за засолнување на палестинските бегалци во Албанија, но додаде дека одговорот сепак ќе биде негативен.